• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Турската опозиција повика на национални протести по приведувањето на градоначалникот на Истанбул

Турската опозиција повика на национални протести по приведувањето на градоначалникот на Истанбул

Истанбул, 19 март (МИА) – Студентите кои го поддржуваа приведениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу на Универзитетот во Истанбул, ги пробија полициските барикади за време на денешните демонстрации, по што полицијата интервенираше со солзавец, пренесе ДПА повикувајќи се на локалните медиуми.

Акцијата дојде во момент кога главната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) повика на национални протести по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.

ЦХП ги повика приврзаниците да се соберат во партиските канцеларии низ целата земја во 14 часот по локално време.

Сепак, протести во Истанбул, најголемиот град во Турција со повеќе од 16 милиони луѓе, се исклучени поради повеќедневната забрана за демонстрации воведена од гувернерот на градот, соопшти партијата.

Гувернерот, кој беше назначен од Ердоган, владее со провинцијата Истанбул.

Имамоглу беше приведен само неколку дена пред неговата очекувана номинација за претседателски кандидат на опозицијата. ЦХП го осуди потегот како „цивилен пуч“ чија цел е да го стави на страна политичкиот противник на Ердоган.

Сопругата на Имамоглу, Дилек Имамоглу, смета дека Ердоган е одговорен за притворот на нејзиниот сопруг.

- Вистинската причина за неговото апсење е тоа што тој ги победи своите предизвикувачи во гласачката кутија, рече таа во видео порака. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан