Зеленски пристигна во посета на Норвешка
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во посета на Норвешка, соопшти норвешката владина прес-служба.

Осло, 20 март 2025 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во посета на Норвешка, соопшти норвешката владина прес-служба.
„Многу сум задоволен што имам можност да му посакам добредојде на Володимир Зеленски во Норвешка. Норвешка е непоколеблива во својата поддршка за Украина“, изјави норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Тој додаде дека сите партии во Парламентот неодамна постигнале договор за зголемување на финансирањето на Украина, се наведува на веб-страницата на норвешката Влада.
Според него, Норвешка ја поддржува Украина во нејзината борба и придонесува за напорите насочени кон постигнување траен, праведен мир во земјата.
„Се радувам на конструктивните дискусии за тоа како Норвешка може на најдобар начин да и помогне на Украина и на краток и на долг рок“, рече Сторе.
Сторе и Зеленски, како што се соопштува, денеска ќе одржат неколку средби. На работната средба, со делегација придружувана од претседателот на Украина, ќе присуствуваат и норвешкиот министер за финансии Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи Еспен Барт Еиде и министерот за одбрана Торе Сандвик.
Од безбедносни причини не се откриваат деталите од програмата за престој на украинскиот претседател во Норвешка, се наведува во соопштението. рп/
Фото: ЕПА