• четврток, 12 февруари 2026

Туризмот е еден од нашите приоритети, се бележи раст во број на туристи и ноќевања, вели Мицкоски

Туризмот е еден од нашите приоритети, се бележи раст во број на туристи и ноќевања, вели Мицкоски

Скопје, 12 февруари 2026 (МИА) - Туризмот е еден од приоритетите на Владата и мерките и активностите што се преземаат во таа насока резултираат со зголемување на бројот на туристи и бројот на ноќевања, смета премиерот Христијан Мицкоски. Додава дека активно се работи на создавање услови за натамошно зголемување на овие бројки и во наредните години и бројот на ноќевања да се зголеми до пет милиони годишно. 

- Туризмот е еден од нашите приоритети. Минатата 2025 година, според бројките што ги објави Државниот завод за статистика, имаме зголемен број на туристи некаде над шест проценти. Но, она што особено охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи за над десет проценти. Тоа е двоцифрена бројка. Се ближиме на бројката од три и пол милиони преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок - изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник на спортска училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае, општина Карпош.

Оваа година, додаде Мицкоски, повторно има организирани групи и повторно како Влада се поактивни.

- Постојано работиме и јас очекувам повторно двоцифрен број на раст кај странските туристи и, генерално, очекувам и во 2026 година да имаме раст на бројот на туристи во Македонија. Работиме паралелно и во насока на поддршка на изградба, на и надградба и реновирање на постојните туристички и угостителски капацитети. Нашата цел е да дојдеме, ако е возможно тоа, до пет милиона преноќувања во Македонија, што ќе претставува историски рекорд и сега работиме во таа насока. Оваа година очекуваме чекор по чекор да дојдеме до три и пол милиони, а потоа и понатаму, па ако биде сè како што треба, не би се изненадил тоа да биде во 2028, 2029 година - истакна македонскиот премиер. сст/са/

Остани поврзан