Тројца мртви од тајфунот Шаншан што го погоди југозападниот дел на Јапонија
- Најмалку три лица загинаа кога тајфунот Шаншан денеска го зафати југозападниот дел на Јапонија со силен дожд и ветер, што го наруши воздушниот сообраќај и остави повеќе од четвртина милион домаќинства без струја.
Токио, 29 август 2024 (МИА) - Најмалку три лица загинаа кога тајфунот Шаншан денеска го зафати југозападниот дел на Јапонија со силен дожд и ветер, што го наруши воздушниот сообраќај и остави повеќе од четвртина милион домаќинства без струја.
„Три лица загинаа, едно исчезна, двајца се тешко повредени, а петмина се здобија со полесни повреди како последица на тајфунот“, изјави главниот секретар на кабинетот Јошимаса Хајаши.
„Бидејќи тајфунот се движи бавно, вкупната количина на дожд може да биде доста голема“, рече Хајаши на редовната прес-конференција.
Авиокомпаниите веќе најавија откажување на повеќе од 600 домашни летови, додека возниот сообраќај е прекинат во многу области на Кјушу. Исто така, повеќе од 250.000 домаќинства во седум префектури останаа без струја.
Големите производители на автомобили, вклучувајќи ги Тојота и Нисан, ја прекинаа работата на некои свои домашни фабрики поради невремето, додека производителот на чипови Ренесас одлучи привремено да го запре производството во четири фабрики.
Тајфунот, со налети до 180 километри на час, беше во близина на градот Унзен во префектурата Нагасаки во 13:45 часот по локално време, движејќи се на север со околу 15 километри на час, според метеоролошката агенција.
Невремето претходно стигна на копно во близина на градот Сатсумасендаи, кој се наоѓа на југозападниот остров Кјушу.
Се очекува невремето да се приближи до централните и источните региони, вклучувајќи го и главниот град Токио, околу викендот, соопшти метеоролошката агенција.
Властите предупредија дека бурата може да биде една од најсилните што некогаш го погодила регионот, а локалните власти издадоа наредби за евакуација на милиони жители во неколку префектури. паг/
Фото: ЕПА