Трошоците за Игрите во Париз се приближуваат до девет милијарди евра
- Сумата која француската престолнина ја потроши досега за да ги организира Летните олимписки игри се приближува до 9 милијарди евра. Но тоа е значително помалку од средствата што ги потрошиле организаторите на претходните две Летни олимписки игри - Рио 2016 и Токио 2020, чијшто официјален олимписки буџет надмина 12 милијарди евра.
Париз, 25 јули 2024 (МИА) - Сумата која француската престолнина ја потроши досега за да ги организира Летните олимписки игри се приближува до 9 милијарди евра. Но тоа е значително помалку од средствата што ги потрошиле организаторите на претходните две Летни олимписки игри - Рио 2016 и Токио 2020, чијшто официјален олимписки буџет надмина 12 милијарди евра.
-Нашата цел не е нужно да оствариме профит. Секогаш сме настојувале да го трошиме тоа што го заработуваме. Сакаме да организираме незаборавни игри и да го постигнеме тоа со избалансиран буџет. Ова е наша задача. Оставивме мал тампон и се надеваме дека нема да мора да го искористиме, за на крајот да завршиме во позитива, но сигурно сумата нема да биде значајна, прокоментира извршниот директор на организацискиот одбор Париз 2024, Етјен Тобоа.
Зголемувањето на планираните трошоци дојде од додавањето на дополнителни сили за обезбедување безбедност за време на Олимпијадата. Над 80.000 полицајци, жандармерија, војска, приватно обезбедување, вклучително и униформирани сили од странство, беа ангажирани за следење на зачувувањето на јавниот ред околу Игрите (26 јули - 11 август). Дополнителни средства беа доделени и на работниците во јавниот транспорт и на оние кои работат во некои служби во јавниот сектор за да се избегне заканата од можни штрајкови.
Организаторите на Париз 2024, сепак, се уверени дека тоа нема да биде значајно и сигурно ќе ги избегнат големите загуби што ги пријавија домаќините на Игрите во Рио 2016 (околу 1,8 милијарди евра) и во Токио 2020 (околу 750 милиони евра) откако во јапонската престолнина ова главно се должеше на недостатокот на навивачи поради пандемијата Ковид-19.
Во Франција се задоволни од интересот на љубителите на спортот за Игрите, кои во средината на месецот се фалат дека продале рекордни 8,6 милиони билети, со што го подобриле врвот од 8,3 милиони од Игрите во Атланта во 1996 година. Но, речиси 2 / 3 од пропусниците се купени од локални жители, додека во исто време се очекува бројот на туристи во Париз во јули и август да биде помал од очекуваниот, бидејќи дел од оние кои планираа да ја посетат француската престолнина ги одложија своите намери поради зголемените цени за ноќевањата и загриженоста за големиот сообраќаен метеж поради преголемиот број луѓе во градот за време на Олимпијадата.
Париз имаше доволно спортски објекти за да биде домаќин на настани од Игрите, така што немаше потреба да се троши значително за изградба на целосно нови. Приоритет беше изградбата на пливачкиот спортски центар вреден 175 милиони евра, како и на салата со 8.000 седишта во која ќе се играат натпреварите во гимнастика и бадминтон, за 138 милиони евра.
Најголем дел од буџетот од 1,5 милијарди евра домаќините го потрошија за изградба на олимпиското село во предградието Сен Дени, но и други значајни трошоци како што се продолжувањето на линијата 14 на метрото од 3,5 милијарди евра и 1,4 милијарди евра за чистењето на реката Сена, за да може да се плива во неа, беа изоставени од олимпискиот буџет, поради нивното јавно значење.
Така, 4,5 милијарди евра од вкупните трошоци се наменети за изградба и реновирање на спортските стадиони и објекти, а 4,4 милијарди за оперативни трошоци, како што се обезбедување станбено сместување, подобрување на транспортниот систем итн.
Изграденото олимписко село на површина од 53 хектари земјиште опфаќа 82 згради кои можат да примат околу 14.500 жители. Во селото во моментов е изграден најголемиот ресторан во светот, каде што можат да јадат до 3.500 луѓе во исто време, има медицински центар со посебен дел за физиотерапија, кој е достапен за спортистите 24 часа, места за забава како кино, сали за игри и за организирање разни културни настани, спортски сали, спортски терени, базени и зелени површини за одмор.
Мебелот во олимпиското село е целосно изработен од материјали што може да се рециклираат, бидејќи намерата на домаќините е по завршувањето на Игрите и Параолимпијадата (28 август - 8 септември) да се трансформира во сосема нова населба во која ќе живеат околу 6 илјади луѓе, а уште толку да работат таму.
Планот е да се создадат 2.500 домови, еден блок студентски дом, хотел, 3 хектари главен парк, како и вкупно околу 7 хектари градини и други зелени површини, 120.000 квадратни метри канцеларии и простории за јавни услуги и 3.200 квадратни метри продавници. дс
Фото: Принтскрин