• недела, 22 декември 2024

Трета трибина во Владата посветена на земјоделството, животната средина и локалната самоуправа

Трета трибина во Владата посветена на земјоделството, животната средина и локалната самоуправа

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) – Владата денеска ја одржа третата Платформа на тема „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“, на која учествуваа првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, министерот за локална самоуправа Златко Перински, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Еколошките состојби се еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат владите ширум светот, вели министерот за животна средина Меџити, нагласувајќи дека Министерството активно работи на модернизација, обновување и проширување на мониторингот за квалитет на амбиентниот воздух.

– Имајќи предвид дека со децентрализацијата најголем дел од оперативните активности се под надлежност на локалната самоуправа, вклучително и справување со изворите на  загадување на воздухот, нашите министерства ги поддржуваат единиците за локална самоуправа во подготовка на плановите за подобрување на квалитет на воздухот. Досега се одобрени планови за агломерација на Скопски регион, Тетово, Битола, Струмица, Куманово, Кавадарци, Гостивар, Прилеп, Велес и Охрид. Подготвени се локални планови за општините Кичево, Кочани, Струга, Штип, Гевгелија, рече Меџити.

Додаде дека еден од приоритетите на Министерството којшто ќе придонесе за поквалитетен амбиентен воздух е чистењето на дивите депонии ширум земјава.

– Деновиве чекаме одобрение, бидејќи се работи за европски пари, да се исчистат дивите депонии во Липковскиот регион и четири други, а истото ќе го правиме и во другите делови на државата. Во однос на регионалните депонии мислам дека чистењето е значаен чекор кој ќе придонесе за подобра животна средина, но исто така влијае и на првата тема за почист воздух и поквалитетен живот. Од регионалните депонии во понапредна фаза за која е отворен и тендер е депонијата кај Свети Николе. За сите овие регионални депонии Министерството има земено кредит, рече Меџити.

Министерот за локална самоуправа, пак, вели една од целите на Министерството е да не остане ниту едно место без соодветна патна, канализациона и водна инфраструктура, бидејќи, како што рече, додека не се обезбедат услови за нормално функционирање во рамки на локалните самоуправи, државата не може рамнорено да се развива.

– Целта е, согласно модерните времиња во кои живееме, да не оставиме ниту едно место без соодветна патна, канализациона, водна инфраструктура. Да не дозволиме да учат дечиња во субстандардни услови во рамки на нивните локални самоуправи и врз основа на оваа интервентна мерка, како што ја нарековме во Владата, да можеме навистина да збориме за регионален развој онака како што доликува на една сериозна држава, затоа што додека комуналната инфраструктура и основните услови за нормално функционирање во рамки на локалните самоуправи не се решени, ние навистина не можеме да кажеме дека одвојуваме доволно средства за да можеме рамномерно да ја развиваме државата, рече Перински.

Одлуката во врска со распределбата на средствата за финансирање на инфраструктурни проекти во општините, Перински вели дека не е политичка, бидејќи, како што рече, средства имаат добиено и градоначалници на општини коишто се од редовите на опозициската СДСМ. 

Перински се осврна и на Законот за локална самоуправа, за кој рече дека главната интенција за отворање на овој закон било креирање механизам за граѓаните да имаат можност да ги отповикаат градоначалниците кои ги избрале, доколку тие не ги вршат своите работни задачи. 

– Со ова ќе придонесеме за зголемување на квалитетот на работењето на самите градоначалници, бидејќи ќе го имаат оној ризик да бидат отповикани доколку не си ја работат својата работа соодветно, согласно законски утврдените надлежности. Ова е главната иницијација, додека втората измена се однесува на комуналниот надзор или народски кажано комунална полиција, која што е присутна во сите земји од нашето опкружување, па и во европските земји и навистина функционира како саат. Сакаме во Законот за локална самоуправа да ја препознаеме комуналната полиција за општините да имаат обврска во иднина да ја спроведуваат, а дополнително таа да се доуреди во Законот за комунални дејности. Ова би требало да превенира девијантни дејствија на одредени групи на граѓани, кои што за жал во моментов ни се случуваат, локалните самоуправи издвојуваат средства за инвестиции за поставување на урбана опрема, која што истите девијантни групи на граѓани ги уништуваат. Третиот сегмент е поголема вклученост на граѓанскиот сектор во рамки на креирање на политики на локално ниво, рече Перински.

Во текот на изминативе четири месеци, како што посочи министерот за земјоделство, исплатени се речиси 20 милиони евра заостанати субвенции, а со ребалансот на Буџетот се обезбедени средства со кои ќе се исплатат сите заостанати субвенции заклучно со 2023 година.

– Изминативе четири месеци се исплатени речиси 20 милиони евра субвенции према земјоделците, зборувам субвенции кои што се од претходни заостанати години и со тоа доцнење имавме пад на самото земјоделско производство. Во овие 20 милиони евра субвенции кои што се исплатени се опфатени сите категории на земјоделци или вкупната бројка која што е испорачана преку оваа сума е преку 20.000 земјоделци. Со завршување на фискалната година, нашиот план е да ги исплатиме сите заостанати субвенции заклучно со 2023 година, односно да останат само тековните од 2024 година, кои што до крајот на годината ќе ги сервисираме. Целта е да овие субвенции бидат редовно исплатени, бидејќи ова е поддршка која што земјоделците мора да ја планираат, рече Трипуновски.

Истакна дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во моментов ги изработува трите програми за наредната година. Вели трите клучни програми на Министерството се Програмата за директни плаќања, Програмата за рурален развој и Програмата за водостопанство.

– Во Програмата за директни плаќања ќе се предвиди намалување на бирократијата која што досега ја имаа земјоделците како обврска, и нормално ќе има фузирање на мерките односно зголемување на сумата на субвенциите кај оние стратешки производи кои што се за нас како држава многу важни. Во делот на Програмата за рурален развој, тука се инвестициите и модернизацијата во земјоделското производство, и оваа програма ќе биде наменета кон оние помали земјоделци кои што ќе треба да ги доведеме во ситуација да ги искористуваат и европските средства кои што ни се на располагање, преку ИПАРД програмата. И нормално во оваа Програма ќе има повеќе сегменти на инвестиции од модернизација во делот на механизација, во делот на модерни системи за наводнување, во делот на преработувачки капацитети итн. И со последната Програма за водостопанство планираме да ги вратиме во функција сите системи кои што досега беа запуштени и нефункционални, нагласи Трипуновски. ра/бак/

Фото: Влада на Република Северна Македонија
 

 

 

 

Остани поврзан