• понеделник, 23 декември 2024

Тренчевска: Законот во Собрание не дефинира 60 часовна работна недела, туку прекувремена работа

Тренчевска: Законот во Собрание не дефинира 60 часовна работна недела, туку прекувремена работа

Скопје, 28 април 2023 (МИА) – Ако сакаме да градиме инфраструктура во државата и да не ја градиме по 15-20 години, туку да ја завршиме за четири години и седум месеци, како што е договорот со „Бехтел и Енка“, тогаш, праксата, не само кај нас, туку и насекаде во светот, покажува дека треба да дозволиме и прекувремена работа, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

На новинарско прашање пред настанот „БЗР од мали нозе – чекор по чекор, 5 години заедно работиме за БЗР“, организиран по повод одбележување на 28 април - Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, министерката рече дека Законот во Собрание не дефинира 60 часовна работна недела, туку прекувремена работа. 

- Меѓутоа, прекувремена работа која што ќе биде платена за секој час одминат на работа на работникот и обезбедување на сите меѓународни стандарди што се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа на работниците. Во овој случај, градежните работници ќе добијат најголема заштита во делот на безбедноста и заштита при работа. Ако работат прекувремено, траењето на прекувремената работа ќе зависи најмногу од временските услови. Во пролет и лето можат да работат подолго од она што е во моментот превидено, но, ќе видиме колку ќе биде горната граница за прекувремено, рече таа.

Министерката посочи дека е најважно работадавачите да добијат писмена согласност од работникот дека се согласува да работи прекувремено и да бидат обезбедени сите стандарди за безбедност и здравје при работа и секој час прекувремено да биде платен на работникот. 

- Она што е најважно и што го комуницираме во моментов со експертите со кои што работиме, да најдеме едно ново предлог-законско решение е да се обезбедува, согласно постоечкиот закон, 12 часа дневен одмор помеѓу еден и друг работен ден и да се обезбедува 24 часа одмор на работникот во текот на една работна недела, дополни таа.

Со предлог-измените на Законот за работни односи кој е во собраниска процедура, пратениците од власта предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со претходна согласност на работникот. ар/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан