• петок, 22 ноември 2024

Тренчевска: Во градинка се примаат деца со примени три дози на вакцина против пертусис

Тренчевска: Во градинка се примаат деца со примени три дози на вакцина против пертусис

Куманово, 21 март 2024 (МИА) - Само децата со примени три дози вакцина можат да бидат примени во градинка, информираше денеска дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на настан во Куманово по повод Денот на пролетта и Светскиот ден на водите. Во рок од шест месеци мора да ја примаат и четвртата доза. Таа посочи дека по насоки на Комисијата за заразни болести се спроведува и инспекциски надзор во сите градинки, но и оти Министерството за труд и социјална политика преку инспекторите спроведува надзори.

-Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство е одговорна за состојбата со пертусис и во делот на градинките и во делот на училиштата и секаде и по нивните насоки инспектори од Санитарна инспекција вршеа надзор во градинките. Mеѓутоа, МТСП преку инспекторите во детска заштита во континуитет вршат редовни и вонредни надзори. При секој надзор се гледа и здравствениот картон на секое дете дали ги има примено вакцините. Така продолжува и во овој период и секако согласно насоките од Комисијата за заразни болести деца со примени три дози може да бидат примени во градинката доколку во рок од шест месеци ја примат и четвртата доза, а останатите за да не го загрозат здравјето на децата коишто веќе се вакцинирани не се примаат во градинка, рече Тренчевска.

Директорката на кумановската градинка „Ангел Шајче“, Марина Алексовска кажа дека на подрачјето на Куманово има само едно дете заболено од „голема кашлица“, пертусис и оди во целодневен престој. Таа посочи дека и за децата од училишна возраст кои одат во целодневен престој важат истите правила како и за децата од градинките.

-За децата кои одат во целодневен престој од шест до десет години во склоп на нашата установа, тоа е во „Кокиче“, „Бамби“ и „Пчелка“ таму имаме групи за целодневен престој и за нив важат истите правила како за предучилишните деца што значи и тие деца од училишна група мора да имаат примено таа примовакцинална серија од три дози, меѓутоа по примање на последната доза од примовакциналната серија мора во рок од шест месеци да ја примат првата ревакцинација. Тоа се однесува и за децата од училишна возраст кои одат во целодневен престој во градинката. И затоа тие деца кои не примиле прва ревакцинација, а примиле последна доза во 2022 тие мора задолжително да ја примат првата ревакцинација па дури тогаш да ги примиме во градинка, кажа Алексовска.

Во Куманово според последните податоци на Центарот за јавно здравје заклучно со 18 март годинава има десет случаи, поголем дел доечниња и деца кои не посетуваат градинка. ам/сст/


Фото: МИА


 

 
 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан