• понеделник, 23 декември 2024

Традицијата оваа година ќе мирува, Водици во Охрид без масовно скокање по крстот

Традицијата оваа година ќе мирува, Водици во Охрид без масовно скокање по крстот
Охрид, 19 јануари 2021 (МИА) – Охриѓани се емотивни врзани за празникот Богојавление –Водици и чинот на осветувањето на езерските води и фрлањето на крстот. Традицијата е од дамнини, не се знае точно од кога, но последните три децении по осамостојувањето тоа беше без исклучок најмасовната верска манифестација во земјата. За Водици во Охрид знаело да има и до 800 капачи кои во речиси смрзнувачки води скокале по крстот, проследени и од неколку десеттици илјади верници од сите краишта на земјата, соседството, но и туристи од целиот свет. Оваа година за прв пат по триесет години фрлање на крстот во езерото нема да има. Околностите наметнати од епидемијата на Ковид-19 ги натераа црквата и цивилните власти да ја откажат манифестацијата, односно таа да се спроведува во строго контролирани околности и без помасовно присуство. И од Дебарско-кичевската епархија и од Општина Охрид со повици до верниците да се воздржат од масовни групирања. Оваа година празникот Богојавление – Водици ќе биде одбележан духовно во црквите со утрински богослужби и осветување вода. Потоа свештеник од Варош таа света вода ќе ја истури во езерото, со што тоа симболично ќе биде осветено. Од Општина Охрид која го украси централното градско подрачје со верски знамиња, повик до граѓаните при посетата на храмовите задолжително да ги почитуваат препораките за заштита, да носат маски и да одржуваат дистанца. „Да бидеме одговорни и да го прославиме овој празник во кругот на најблиските“, стои во апелот од Локалната самоуправа. Веројатно и покрај апелите на надлежните, ќе има верници кои ќе влезат во студените езерски води да се искапат за здравје, но тоа нема да биде масовно како изминатите години. Она што сепак ќе биде како изминатите години, тоа е традиционалната крводарителска акција „Водици 2021“. Во просториите на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 9 до 15 часот охриѓани и гостите во градот ќе можат да демонстрараат хуманост и да даруваат крв. Целосно се откажува и прославувањето на Денот на рибарите по повод празникот Соборот на Свети Јовен Крстител, кога со капењето на рибарите во Охридското Езеро се одбележуваше дамнешната традиција на завршувањето на забраната за риболов во езерото после зимскиот мрест на пастрмката. аб/нд/ Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан