• петок, 22 ноември 2024

Тошковски - Гир: Продолжува поддршката на ЕУ во реформите и јакнење на капацитетите на македонската полиција

Тошковски - Гир: Продолжува поддршката на ЕУ во реформите и јакнење на капацитетите на македонската полиција

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, остварил работна средба со амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

Од МВР соопштија дека министерот Тошковски на средбата ја изразил својата благодарност за поддршката и соработката за време на техничката влада и за континуираната поддршка што нашата земја, но и МВР, ја добиваат во насока на реформирање и модернизација на институциите.

- Министерот Тошковски изрази уверување дека соработката и поддршката од ЕУ во следниот период само ќе се зголемуваат, конкретно и во областа на безбедноста. На средбата министерот ги претстави главните приоритети на министерството, во кои ќе биде потребна експертизата на ЕУ во постигнување на европските стандарди, со крајна цел што поскоро да станеме дел од големото европско семејство, стои во соопштението од МВР.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев ја потенцирал тековната соработка на БЈБ во рамки на постојните проекти и искористувањето на фондовите од ЕУ, ги појаснил планираните реформи на БЈБ и потенцираше дека во фокус ќе бидат и евентуални злоупотреби на европски пари во државата, за што ќе се спроведат и соодветни истраги.

Во соопштението се додава дека амбасадорот Дејвид Гир ги истакнал тековните проекти и поддршката што ја имаме од страна на ЕУ во делот на јакнење на капацитетите на МВР, особено во делот на илегалната миграција, борбата со организираниот криминал и ги посочи предизвиците во кои треба се фокусираме во иднина во насока на доближување на европските стандарди. Гир ја дал својата поддршка во реформските процеси и ја потенцирал и можноста за поддршка од системот на ЕУ за справување со евентуални шумски пожари во летниот период. цр/ев/

Фото: МВР

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан