• петок, 22 ноември 2024

Томовски од Асоцијацијата на такси-превозници: Бараме државата за 50 отсто да ја намали акцизата за горивата

Томовски од Асоцијацијата на такси-превозници: Бараме државата за 50 отсто да ја намали акцизата за горивата

Тетово, 11 март 2022 (МИА) - Речиси секојдневното зголемување на цената на горивото ќе значи уште повеќе затворање такси-компании, а тоа е удар и за голем дел од граѓаните кои немаат свои возила, па користат такси-превоз што сега им е прескап, алармира Зоре Томовски, потпретседател на Асоцијацијата на такси-превозници. Тој рече дека по затворањето на дваесетина компании уште многу такви фирми можно е да ги очекува иста судбина.

- Ние бараме од државата ако може да се намали акцизата, барем за 50 отсто, а тоа ќе биде од голема помош за нас. Слушаме вести дека се намалило ДДВ, но сè уште го немаме на дело тоа. Собранието треба понеделник-вторник да одлучи, но до понеделник-вторник очекуваме сигурно уште два брана поскапување. Намалувањето на ДДВ не значи ништо и нема да помогне тоа, доколку акцизата не се намали, ДДВ-то е 8 отсто тоа е само еден денар, изјави Томовски на денешната средба со новинарите во Тетово.

Тој вели дека со скапото гориво се оштетува и најсиромашниот дел од населението што нема свои возила, кое мора да користи такси за одредени потреби.

- Кога дизелот се зголеми од 74 на 85 денари на редовните клиенти им кажавме дека такси-превозот ќе биде поскап за 10 денари за наредниот ден. Верувате дека утредента 50 отсто ги немаше редовните патници кои идат на работа. Сите пеш. И 10 денари е многу за нашите граѓани и затоа велам дека ранлива категорија се вози со такси, рече Томовски.

Во Тетово, според него, 70 денари се најкратките релации од 1 - 2 километри што е најевтино во споредба со другите градови во Македонија. Најголем проблем е нелојалната конкуренција.

- Имаме разбирање за поединци кои од социјален аспект работат за да извадат егзистенција. Но има и група од 10 до 15 возила кои работат диво. Не плаќаат придонеси, не плаќаат лиценци. Во Тетово има четири фирми кои можат да си дозволат 40-тина возила легално да возат, а сметаме дека има дополнителен број од 350 до 400 возило кои нелегално вршат такси-превоз. Најдрастично е во Тетово од цела Македонија, вели Томовски.

Според него, во Тетово десетина години не е преземно ништо околу проблемите во такси-превозот.  Цените определени од Советот се од 2006 година. Позитивно е изненаден од новиот градоначалник, од кој вели, се надева ќе ги исполни ветувањата дека по еден месец рок нема да се толерираат тие кои нема да извадат лиценци за работа.

- За да поскапи цената на такси-превозот чекаме одлука на Советот. Ветено ни е старт од 20 денари со 70 денари километар. Но, ако продолжи да се качува горивото, не знам што ќе биде, изјави Томовски.

Пред еден месец Асоцијацијата поднела барање до МВР и други министерства, полицајци да имаат ингеренции да контролираат дали се лиценцирани такси-возилата. ас/вг/

Остани поврзан