• сабота, 21 декември 2024

ТИ: Пандемијата ја зголеми корупцијата во ЕУ

ТИ: Пандемијата ја зголеми корупцијата во ЕУ
Берлин, 15 јуни 2021 (МИА) - Пандемијата ја зголеми корупцијата во Европска Унија, чии граѓани мораа од време на време да ги користат лични врски за да добијат здравствена заштита, а некои влади ја искористија кризата во своја полза, се наведува во денеска објавеното соопштение од „Транспаренси интернешнл“ (ТИ). Истражувањето, во кое учествуваа повеќе од 40.000 луѓе во 27 земји-членки на ЕУ од октомври до декември 2020 година, покажа дека 29 проценти од луѓето ги користеле личните или семејните врски за да имаат пристап до јавниот здравствен сектор, додека шест отсто од испитаниците изјавиле дека дале мито - Здравството беше жариште на корупција додека владите се бореа против пандемијата со Ковид-19, се наведува во годишниот извештај на ТИ за искуствата на луѓето и перцепцијата на корупцијата во ЕУ, „Глобален барометар за корупција - ЕУ 2021“. Највисок степен на корупција во здравството е забележан во Романија (22 проценти) и Бугарија (19), а користењето на лични врски беше најчесто во Чешка (54) и во Португалија (46 отсто). Според 60 проценти од испитаниците во Франција, Полска и во Шпанија нивната Влада не управува со пандемијата на транспарентен начин. Во извештајот на ТИ се наведува дека Унгарија и Полска ја искористиле пандемијата како „изговор за поткопување на демократијата преку усвојување на регулативи кои ги ослабнаа демократските институции. Додека некои политичари кризата ја видоа како „шанса за профит“ преку лобирање за набавка на заштитни маски. Резултатите од истражувањето покажуваат дека покрај здравствениот сектор, третина од жителите на ЕУ оцениле дека е зголемена корупцијата во нивната земја, а половината изјавиле дека нивната влада не се справува добро со корупцијата. Испитаниците посебно изразија загриженост за поврзаноста помеѓу владите и приватниот сектор и очигледна леснотија со која компаниите можат да ги намалат даночните сметки. - Овие резултати треба да бидат повик на будење, изјави директорот на ТИ. Постојат многу акции кои веднаш треба да бидат спроведени, како што е зголемување на транспарентноста на лобирањето и на национално и на ниво на ЕУ и решавање на проблемот со затајување на даноците, Михил ван Хултен. ми/

Остани поврзан