• сабота, 23 ноември 2024

ТИРЗ воведе меѓународни ИСО стандарди за борба против корупција и квалитет во работата

ТИРЗ воведе меѓународни ИСО стандарди за борба против корупција и квалитет во работата
Скопје, 15 мај 2022 (МИА) - Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) информира дека го имплементираше Меѓународниот стандард за спречување корупција ИСО 37001:2016, со што стана една од првите државни институции со интегриран систем за антикорупција. - Воведувањето на овој меѓународен стандард овозможува имплементација на соодветни механизми за превенција и откривање, како и конкретни мерки за борба против корупцијата, се наведува во соопштението на Дирекцијата. ТИРЗ го воведе и Системот за управување со квалитет во работата согласно меѓународниот ИСО 9001: 2015 стандард кој треба да ја унапреди работата на Дирекцијата со цел намалување на трошоците и поголема ефикасност. - Со стандардизацијата целта е воведување на политика на нула толеранција за мито и корупција. Ова е важен елемент во привлекувањето на странски инвестиции со повисок квалитет кој е клучен во новиот концепт на ТИРЗ. Доброто владеење во секоја организација вклучува демонстрација на одговорност и воспоставување на стандарди со кои ќе се унапреди системот на функционирање и ќе се зголеми квалитетот на работата и услугите. Сертифицирањето е спроведено на наша иницијатива и е чекор кој верувам дека ќе придонесе кон зголемена доверба во институцијата. Интегритетот, транспарентноста и борбата против корупцијата се наши основни вредности врз кои се темели и новиот концепт, изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Од Дирекцијата посочуваат дека со воведувањето на ИСО стандардите за квалитет и антикорупција се дефинираат внатрешните и екстерните процедури за менаџмент, рано препознавање, разгледување и подобрување на системот против поткуп како и на системот за квалитет и подобрување на процесите во рамки на Дирекцијата. - И двата воведени стандарди ги вклучуваат и вработените и ангажираните лица во ТИРЗ, нивната одговорност и работа како и примена на принципите дефинирани во политиките на Дирекцијата. ИСО стандардот против корупција дава насоки за функционирање на системот за управување кој е така дизајниран за да и помогне на организацијата да го спречи, открие и реагира на поткуп и да се усогласи со законите против поткуп и доброволните обврски применливи за нејзините активности. ИСО стандардот за квалитет пак меѓу другото треба да придонесе кон рационално искористување на времето и ресурсите, унапредување на квалитетот на услугите, зголемена работна способност и продуктивност како и оптимизација на постоечките процеси, се додава во соопштението. Процесот на стандардизација се одвивал во изминатите девет месеци, а компанијата Контролцерт, која го спроведе, на годишно ниво ќе ја проверува имплементацијата на стандардите и ќе дава соодветни препораки за понатамошно унапредување на работата на ТИРЗ. сп/

Остани поврзан