• петок, 22 ноември 2024

ТВ-серијалот „Генерација Бушави“ премиерно на фестивалот „Џифони Македонија“

ТВ-серијалот „Генерација Бушави“ премиерно на фестивалот „Џифони Македонија“
Скопје, 9 октомври 2022 (МИА) - Младиот режисер Мартин Чичовски и неговите пријатели од „Марви продакшн“ денеска во 16 часот во киното „Фросина“ во Скопје ќе гостуваат на фестивалот „Џифони Македонија“ каде што  ќе го промовираат нивниот нов ТВ-серијал „Генерација Бушави“. Серијалот е составен од шест епизоди - приказни што се инспирирани од животот на младите, дел од нив се и буквално базирани на реални настани со цел, како што наведуваат организаторите на фестивалот,  да го прикажат нивниот дух, став, менталитет и живот во овие бурни времиња. - Серијата ќе почне да се прикажува во ноември на платформата Gley.mk, од каде што денес подготвуваат прекрасно изнанадување за сите присутни во салата „Фросина“. Мартин Чичовски ѝ е добро познат на публиката на „Џифони Македонија“, од која и самиот беше дел со години. Продуцент е Елена Тодорова, а оригиналната идеја е на Чичовски, Тодорова, Марија Додовска, Мелиса Дани и Леон Шумански. Улогите ги толкуваат: Аритон Положани, Јоана Симоновска, Вања Тројачанец, Тодор Стојковски, Димитрија Марковски и др., соопштија од фестивалот „Џифони Македонија“. На вчерашната програма на 10-тото фестивалско издание, присутните имаа можност да се дружат со актерите од импров-групата „Настап“ од Скопје. На средба со младите, Наталија Теодосиева, Сергеј Димовски и Мартин Манев со задоволство им открија дел од тајните на театарот на импровизација. -Правила на игра мора да постојат за да излезе нешто од настапот. Иако станува збор за импров-група и во ова има правила на игра. Некогаш со месеци вежбаме за да излезе некој настап. Во ова мора да бидете истрајни. Треба да се интересирате за повеќе работи во професијата што ќе ја изберете, така ретко кој ќе може да ве излаже за нешто – ги советуваше учениците актерот Манев. Гости на фестивалот беа и италијанските уметници Роберто Геци и Антонио Масаруто, кои се занимаваат со ленд-арт. Тие се на резиденцијален престој во земјава, во организација на Италијанската амбасада. Во Музејот на современата уметност во Скопје вчера беше отворена и нивната изложба на платна и скулптури изработени во интеракција со природата во националниот парк Шар Планина. Изложбата ќе биде отворена до 26 октомври. - Џифонци вчера се запознаа и со полскиот режисер Конрад Аксинович, чиј автобиографски филм „Враќање во тие денови“ предизвика големо внимание, соопштија организаторите на фестивалот. хс/аа/

Остани поврзан