• понеделник, 23 декември 2024

Тасевски и стратешката група при БЈБ во СВР Битола и ГП „Меџитлија“

Тасевски и стратешката група при БЈБ во СВР Битола и ГП „Меџитлија“

Скопје, 1 август 2023 (МИА) - Во рамки на оперативниот план „Безбедно лето 2023“, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Сашо Тасевски и стратешката група при БЈБ денеска остварија работна посета на СВР Битола и Граничниот премин „Меџитлија“.

Како што соопшти МВР, за време на средбата, раководството на СВР Битола го брифираше директорот Тасевски дека во текот на првото полугодие од 2023 година вкупниот број на извршени кривични дела на подрачјето на СВР Битола бележи намалување за 26 отсто споредбено со истиот период лани.

Вкупната ефикасност на расчистување на кривичните дела изнесува 43 отсто што претставува зголемување за 8 отсто споредбено со минатата година.

-Само во Битола бројот на евидентирани кривични дела бележи намалување за 51 отсто, а ефикасноста е 47 отсто, додека на подрачјето на целиот Сектор за внатрешни работи, вклучувајќи ги одделенијата во Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод, намалувањето на кривичните дела е за 30 отсто со ефикасност во расчистувањето од 43 отсто, стои во соопштението. 

На подрачјето на СВР Битола успешно се спроведени оперативни акции од локален и регионален карактер, во рамки на кои се реализирани вкупно 126 активности од страна на полициските службеници, од кои најголемиот дел за спречување на незаконска сеча и пустошење на шуми, како и за недозволена трговија со дрога и психотропни супстанци.

По оперативната акција „Безбедно лето 2023“ регистрирани се вкупно 156  кривични дела, од кои најголемиот дел во Прилеп и Битола, и тоа 79 и 63, додека Ресен, Крушево, Македонски Брод и Демир Хисар се евидентирани со 5, 4, 3 и 2 кривични дела.

Директорот Тасевски и стратешката група при Бирото за јавна безбедност биле информирани дека во изминатиот период од страна на полициски службеници од СВР Битола се реализирани 11 акциски контроли. Притоа биле контролирани 74 објекти, во кои биле затекнати 46 малолетници, биле констатирани 22 прекршоци и откриени четири кривични дела. Во рамки на редовното работење реализирани биле 40 контроли со кои беа опфатени 190 објекти.

Во првата половина од оваа година, како што се наведува, СВР Битола спроведе вкупно 318 превентивни активности по сите  проекти на МВР и СВР Битола, а дури 72 активности на тема „Да ги чуваме шумите од пожари - лето без пожари“.

Тасевски го посети и Граничниот премин „Меџитлија“ и оствари работна средба со раководството на Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор „Меџитлија“, со цел запознавање со состојбите на овој граничен премин.

- Во делот на прометот на патници на Граничниот премин „Меџитлија“ поминале 669 371 патници, што во споредба со истиот период од 2022 година претставува зголемување од 60 отсто. Од страна на раководството на оваа полициска станица тие беа информирани дека во првото полугодие во 2023 година се откриени 15 обиди за нелегална миграција, додека по оперативната акција „Дозвола“ констатирани се 27 прекршоци, како и едно кривично дело по Законот за шуми, соопшти МВР. мд/лв/

Фото: МВР 

 

Остани поврзан