• вторник, 05 ноември 2024

Таравари ја претстави претседателската платформа за претстојните избори

Таравари ја претстави претседателската платформа за претстојните избори

Скопје, 3 април 2024 (МИА) – Претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, денеска ја презентираше претседателската платформа заснована на четири столба, Северна Македонија интегрирана во регионот и Европа, Северна Македонија производител на безбедност, Северна Македонија правна држава и Северна Македонија консензуална демократија.

Таравари во своето обраќање истакна дека доколку ја добие довербата од граѓаните, ќе бара гаранција од Европската унија дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Северна Македонија, како и ќе се заложи за продлабочување на регионалната соработка, како и тоа дека ќе предложи земјава веднаш ад излезе од иницијативата Отворен Балкан.

– Интеграцијата во Европската унија е наша неоспорна цел, тоа е нашиот единствен пат кон стабилност и одржлив развој и тоа е мојот највисок приоритет како претседател. Во регионалната политика ќе се заложам за зголемување и продлабочување на регионалната соработка заснована на нашите вредности, меѓу кои е и Косово како независна, суверена и рамноправна држава. Моите главни цели во оваа област се: ќе барам гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Северна Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година, мандатот за формирање на влада ќе му го доверам на партијата или партиите кои ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието, барајќи од мандатарот временски ограничен план за реализација на уставните измени врз основа на член 121 од Уставот, ќе му предложам на Собранието веднаш Северна Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан, рече Таравари.

Посочидека како претседател ќе се заложи и за целосно усогласување на нашата политика со онаа на ЕУ, особено во однос на санкциите на ЕУ против Русија.

Во врска со вториот столб, Северна Македонија која произведува безбедност, Таравари рече дека ЕУ, САД и НАТО се незаменливи сојузници, па затоа Северна Македонија е подготвена да игра улога во одржувањето на мирот и безбедноста во светот заедно со сојузниците.

Потенцираше дека земјава нема директни надворешни закани, но како што рече, Русија и понатаму претставува закана за Северна Македонија.

– Северна Македонија е безбедна земја и нема директна надворешна закана. Но, тоа не значи дека Русија не претставува закана. Русија ќе продолжи да поттикнува страв и да создава нестабилност, се додека енергетската ефикасност и ранливост од сајбер нападите остануваат постојана закана за нас. Основниот принцип на кој се заснова мојата стратегија за безбедност е дека Северна Македонија нема да биде само потрошувач на безбедноста, туку и производител на безбедноста, рече Таравари.

Како следен претседател тој се обврза дека Северна Македонија ќе обезбеди стабилен повеќегодишен буџет за одбрана на ниво од 2 отсто од бруто домашниот производ, во согласност со критериумите на НАТО, како и дека ќе се погрижи за дејугословенизација на Армијата и Агенцијата за разузнавање, со како што рече, назначување само на најдокажани професионалци.

– Ќе се грижам за дејугословенизација на Армијата и Агенцијата за разузнавање со назначување само на најдокажани професионалци, вклучително и нивните про-западни вредносни системи, ќе помогнам да се стави крај на нашата енергетска зависност од Русија преку олеснување на формулација на државен концепт на енергија. Мојата цел е диверзификација на енергијата на сите нивоа, што е најдобриот начин да се постигне мир и стабилност ќе формирам Работна група за сајбер безбедност која ќе помогне во спречувањето и гонењето на сајбер криминалите, рече Таравари.

Како најголем непријател Таравари го посочи корумпираниот судски систем, за кој вели ги иселува младите и ја држи земјата во заложништво.

– Како следен претседател ветувам дека ќе побарам од Собранието донесување на законодавен пакет за целосна реформа на судскиот систем и обвинителството. Овој пакет треба да го содржи законот за ветинг на судиите и обвинителите, реформа на изборниот систем, унапредување и дисциплинирање на судиите и јавните обвинители и целосна дигитализација на судовите, ќе ја терам напред идејата за формирање Комисија за стандарди во јавниот живот, врз основа на искуството на Обединетото Кралство, рече Таравари. ра/нд/

Фото: Коалиција „Вреди“ 

Остани поврзан