Таравари очекува доизградбата на новата болница во Штип да почне наредната година
- Министерот за здравство Арбен Таравари при денешната посета на Клиничка болница-Штип изјави дека се надева оти градежните активности кои се стопирани на новиот објект на болницата ќе продолжат наредната година.
Штип, 19 септември 2024 (МИА) - Министерот за здравство Арбен Таравари при денешната посета на Клиничка болница-Штип изјави дека се надева оти градежните активности кои се стопирани на новиот објект на болницата ќе продолжат наредната година.
-Имаме повторно одлука на Влада, со која се дава овластување на Министерот за здравство да ја даде целокупната документација на сите заинтересирани компании, коишто би отишле во Кичево и Штип и би ги видели болниците и одлучат, да ни дадат каква проекција имаат, како мислат понатаму да продолжиме. Наш топ приоритет се Клиничката болница-Штип, Клиничката болница-Тетово и Општата болница во Кичево, којашто замислете почнато е да се гради 1996 година и се уште е карабина, изјави Таравари.
Министерот Таравари посочи дека на денешната средба со раководството на болницата и директорот Владко Захариев разговарале за потребните апарати, недостаток од кадар, а старата зграда какошто вели Таравари не е сменета од 2017 година, кога првпат ја посетил болницата, како министер.
-Така да денеска конкретно имаме и нов апарат, кој е доделен од министерството за здравство во вредност од околу 200.000 евра. Тоа се средства на министерството се работи за ендоскоп и лапараскоп и цистоуредоскоп, којшто се користат и за дигестивна хирургија, односно торакална хирургија и за урологија. Досега апаратот веќе се користи и докторите се задоволни од користењето на апартот, вели Таравари.
Тој додаде дека Клиничките болници во Штип и Тетово се важни за да функционираат, бидејќи Штип покрива повеќе од 300.000 жители во државата. Министерот за здравство, Арбен Таравари и заменик министерот за здравство, Јовица Андовски денеска беа во посета на Клиничка болница-Штип. вдј/са/
Фото: МИА архива