• недела, 21 јули 2024

Суниог: Дебатата во ЕУ за мерките кон Косово продолжува, очекувам набргу да се укинат

Суниог: Дебатата во ЕУ за мерките кон Косово продолжува, очекувам набргу да се укинат

Приштина, 20 јули 2024 (МИА) – Шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Томаш Суниог рече дека Унијата од 2008 година во Косово во Косово инвестирала 1,7 милијарди евра, што ја прави ЕУ најголем донатор во таа држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Зборувајќи за мерките што беа воведени кон Косово пред повеќе од една година, Суниог во интервју за порталот „Економиа онлајн“ потсети дека тие се преземени по настаните од 29 мај минатата година и нападот врз КФОР во Звечан, кој уследи по одлуката на властите во Приштина да ги инсталираат во општинските згради градоначалниците Албанци кои победија на општинските изборите во северно Косово, кои локалните Срби ги бојкотираа.

- Сигурен сум дека иднината на Косово е во Европската унија... Едно е што овие мерки се преземени како реакција на настаните во Звечан на 29 мај (2023) и нападот против КФОР. Така, мислам дека е јасно дека ова беше навистина сериозна криза и сериозна ситуација и сметавме дека треба да одговориме. Затоа, всушност, 27-те земји членки се согласија за одлуката од 3 јуни, рече Суниог.

Шефот на Канцеларијата на ЕУ во Приштина изјави дека 27-те членки на ЕУ се договориле за воспоставување на овие мерки, а за нивно отстранување мора да има согласност од тие 27 држави. Тој додаде дека во моментов се водат дискусии меѓу членките на ЕУ и оти се надева дека многу брзо ќе се најде договор за нивно отстранување.

- Не знам од каде доаѓа овој наратив за гласање и негласање, но таа декларација беше јасно договорена од 27-те земји членки. Втората работа е што очигледно истото важи и за евентуалното укинување на мерките. Ова мора да биде одобрено од 27-те членки. Се води дискусија меѓу 27-те земји членки и се надевам дека наскоро ќе се постигне договор за тоа. Но, повторно, нашите позиции за ова беа многу јасни и тоа е став на сите земји членки од почетокот, а ќе заврши со заеднички став на 27-те земји членки, рече Суниог.

Томаш Суниог ја презеде функцијата шеф на Канцеларијата на ЕУ во Косово на 1 септември 2020 година и официјално го завршува мандатот на 31 август 2024 година. иа/рп/

Остани поврзан