• понеделник, 23 декември 2024

Сузбиена 23 члена криминална група осомничена за трговија со дрога и оружје во полициската акција во Струга

Сузбиена 23 члена криминална група осомничена за трговија со дрога и оружје во полициската акција во Струга

Струга, 24 ноември 2023 (МИА) - Дваесет и три лица се осомничени за трговија со дрога и оружје, 19 се приведени, по тројца се трага и еден е веќе во притвор од претходно заради обид за убиство во друг настан, по денешната голема полициска акција во Струга.

МВР соопшти дека против лицата ќе биде поднесена кривична пријава „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе предложи определување мерка притвор за сите осомничени лица, од кои за двајца куќен притвор.

Полицијата, како што информира МВР, извршила претреси на 36 локации во Струга, Охрид и во Затвор Скопје. Посочуваат дека при лишувањето од слобода и при извршените претреси, на повеќе локации се пронајдени и одземени оружје, муниција од различен калибар, кокаин, марихуана, пари, патнички моторни возила, мобилни телефони и други предмети.

Според соопштението, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе поднесе кривична пријава против: В.Е. (32), Д.Е. (30), Љ.Ц. (37), Е.П. (38), Б.Х. (27), Е.Р. (20), К.Л. (52), Х.К. (43), И.Б. (35), А. Ж. (27), Е.Б. (25), Б.Ѓ. (27), Д.С. (35), С.Д. (29), М.Т. (38), Е.О. (21), К.З. (21), Ф.Џ. (26), Д.У. (76), Г.Т. (43), А.Ж. (46), С.Т. (37) и С.Н. (44).

- Денеска Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за специјални полициски операции и ОВР Струга, под раководство на надлежен Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување, спроведе координирана полициска акција, во којa беше сузбиена повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Струга, едно лице од Охрид и еден албански државјанин (кој престојува во Струга), кои подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и оружје, соопшти МВР.

За време на спроведеното криминалистичко истражување било утврдено дека целта на формирањето на организираната криминална група е стекнување на противправна имотна корист, која произлегува од извршените кривични дела, а во текот на истрагата во повеќе различни случаи документирани биле продажби на наркотична дрога, оружје и муниција.

- Во временскиот периодот од јануари 2023 година до ноември 2023 година, В.Е. како организатор и Д.Е., Љ.Ц. и Е.П. заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога (кокаин, марихуана, масло од марихуана и хашиш) се здружиле и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба на наркотичната дрога, кои нелегални активности во делот на продажбата ги вршеле заедно со останатите пријавени лица, кои дејствувале во групи. Кокаинот го продавале по цена од 60 до 100 евра за еден грам, додека маслото од канабис го продавале по цена од 40 евра од кубик. Исто така, во наведениот временски период заради неовластено набавување, држење и продавање на поголемо количество огнено оружје и муниција, како група се здружиле лицата Г.Т., А.Ж., Д.С., С.Т., С. Н., Е.О., појаснува МВР.

Основното јавно обвинителство, пак појасни дека првоосомничениот, заедно со тројца други осомничени, се здружиле и нелегалните активности во делот на продажбата ги вршеле во три мрежи заедно со 16 од останатите осомничени лица.

-Првоосомничениот неовластено набавувал наркотична дрога – кокаин или марихуана од непознати лица од Албанија и набавената количина ја пренесувал и сокривал на безбедна локација на подрачјето на општина Струга, по што дел од наркотичната дрога, наменета за брза продажба ја пренесувал во два угостителски објекти во Струга, а останатата количина на наркотичната дрога спакувана во помали пакувања се продавала преку мрежите воспоставени од останатите тројца организатори, соопшти ОЈО.

Првоосомничениот, додаваат, ги организирал и ги одобрувал продажбите, па при секоја продажба откако припадниците на групата кои имале улога на препродавачи ќе стапеле во контакт со заинтересиран купувач на наркотична дрога, го информирале организаторот на мрежата на која припаѓале и по извршената купопродажба, паричните средства ги предавале на организаторот, а тој на првоосомничениот кој како награда им давал процент од постигнатата цена.

- Кога заинтересираните купувачи на наркотични дроги, биле непознати на осомничените, се барало дозвола за продажба од првоосомничениот. Во зависност од побарувачката на заинтересирани купувачи, наркотичната дрога – кокаин спакувана во помали паковки се продавала по цена од 60 евра до 100 евра за еден грам, 50 грама марихуана со висок квалитет по цена од 100-250 евра, додека масло од хашиш нелегално произведено во домашни услови се продавало по цена од 40 евра од кубик, потврдуваат и од Овнинителството.

Четворица осомничени, како што е наведено, се организирале како злосторничко здружение заради неовластено набавување, држење и продавање на огнено оружје и муниција, кои на граѓаните им се забранети, а во тргувањето со оружје се приклучиле уште двајца од осомничените. Еден од организаторите од непознати лица набавувал разно оружје и муниција што ги сокривал на безбедни локации на подрачјето на Општина Струга, по што останатите петмина осомничени контактирале со заинтересирани купувачи и им нуделе оружје и муниција за продажба.

- Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе предложи определување на мерката притвор за сите осомничени лица од кои за две лица ќе предложи мерка куќен притвор, информира ОЈО.сс/фф/

Фото: МВР

Остани поврзан