• недела, 22 декември 2024

Судот на ЕУ денеска ќе пресуди за случајот против Мета во врска со заштита на податоци 

Судот на ЕУ денеска ќе пресуди за случајот против Мета во врска со заштита на податоци 

Луксембург, 4 октомври 2024 (МИА) - Највисокиот суд на Европската Унија се очекува денеска да донесе пресуда во случајот против матичната компанија на Фејсбук, Мета, за начинот на кој управува со личните кориснички податоци.

Судиите на Европскиот суд на правдата (ECJ) во Луксембург ќе разјаснат до кој степен личните податоци, вклучувајќи ги и сексуалната ориентација на корисникот, можат да се користат за рекламни цели.

Случајот го поднесе австрискиот активист за заштита на податоци, Макс Шремс, кој веќе доби две големи правни битки против Фејсбук кои го трансформираа разменувањето на податоци помеѓу САД и ЕУ.

Во актуелниот случај, Шремс поднесе жалба пред австрискиот суд за начинот на кој Фејсбук управува со неговите лични информации, вклучувајќи ја и неговата сексуална ориентација.

Австрискиот Врховен суд ги повика судиите во Луксембург да ја толкуваат Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) на ЕУ.

Мета собира дигитални податоци на корисниците на Фејсбук кога тие посетуваат други веб-страници и апликации, што овозможува Мета да собира информации за персонализирани реклами.

Според GDPR, компаниите се обврзани да се придржуваат кон принципот на „минимизирање на податоци,“ што го ограничува обемот и времетраењето на користењето податоци за рекламни цели.

Дополнително, информациите за сексуалната ориентација на корисникот се предмет на посебна заштита според GDPR.

Шремс, кој јавно зборуваше за својата хомосексуалност на еден настан, се пожали за користењето на оваа информација за персонализирани реклами од страна на Фејсбук, како и други лични податоци без временски ограничувања. ссм/

фото: архива

Остани поврзан