• недела, 14 јули 2024

Судот во Пакистан ја поништи пресудата дека бракот на поранешниот премиер е незаконски

Судот во Пакистан ја поништи пресудата дека бракот на поранешниот премиер е незаконски

Исламабад, 13 јули 2024 (МИА) – Судот во Пакистан денеска ја поништи пресудата и седумгодишната затворска казна за поранешниот премиер Имран Кан (71) и неговата сопруга Бушра Биби (49) за наводен нелегален брак во 2018 година. Судот соопшти дека брачната двојка треба да биде ослободена доколку против нив не се води друга постапка.

Биби е третата сопруга на Кан и претходно била во брак со маж кој тврдел дека се развеле во ноември 2017 година, помалку од три месеци пред да се омажи за Кан, што е прекршување на исламскиот закон, кој предвидува дека помеѓу разводот и следниот брак мора да поминат минимум три месеци.

Засега не се знае како Владата ќе реагира на судската наредба. Против Кан беа поднесени голем број кривични пријави во 2022 година, кога беше соборен од власт со гласање недоверба на Парламентот.

Од неговото апсење во мај 2023 година, Кан е вклучен во повеќе од 150 правни случаи, вклучително и поттикнување насилство. За време на немирите низ Пакистан, приврзаниците на Кан нападнаа воени и други владини згради и ја запалија зградата во која се наоѓа Државното радио Пакистан. Насилството престана кога Кан беше ослободен од Врховниот суд, но тој повторно беше уапсен на почетокот на август истата година, откако судот го осуди на три години затвор поради корупција.

Оттогаш, во сите случаи во кои Кан беше осуден, судовите му дадоа можност привремено да биде ослободен со кауција. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан