Судењето за случајот со измамата при купопродажба на станови што го обелодени МИА одложено за 1 септември
- Судењето за случајот со измамата при купопродажба на станови кој го обелодени МИА е одложено за 1 септември, по денешното насрочено рочиште кое не се одржа, бидејќи, обвинетиот, како и негови
Скопје, 1 јули 2021 (МИА) – Судењето за случајот со измамата при купопродажба на станови кој го обелодени МИА е одложено за 1 септември, по денешното насрочено рочиште кое не се одржа, бидејќи, обвинетиот, како и неговиот бранител, не се појавија на судењето.
Судот информираше дека нема уредна повратница за прием на поканата од обвинетиот и напомена дека истата ќе биде директно врачена при неговото следно пријавување во судот поради одредените мерки за претпазливост. Додека, бранителот на обвинетиот до судот доставил писмен поднесок со кое го откажува полномошното на обвинетиот.
Денешното рочиште беше насрочено еден месец по Обвиненителниот предлог за агентот за недвижности поради сторено кривично дело – Измама, кој следеше веднаш по укажувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум ги споделија своите сведоштва, а по претходно тримесечно иницирање одговори и континуирано следење на случајот.
Обвинетиот, 41 годишен скопјанец, се товари за Кривично дело – Измама, бидејќи, според обвинението, во периодот од 6 мај 2020 година до 5 март 2021 година, во Скопје, со умисла извршил десет временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, а со намера за себе да прибави противправна имотна корист.
Според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.
Со четворица од оштетените, обвинетиот склучувал Договори за капар за станови во градба и наплатувал различни износи, но, до Договори за купопродажба не дошло.
Со шестмина оштетени, како што велат, обвинетиот склучувал Договори за капар и наплатувал различни износи за капарот, а потоа склучувал и Договори за купопродажба, во кои без знаење на вистинските сопственици се потпишувал како „продавач“.
Исто како што МИА своевремено објави дека процесот на договарање за купување на становите траел сѐ до моментот кога купопродажниот договор требало да се однесе на нотар, при што агентот, тогаш, настапувал со разни оправдувања дека не е во можност да се сретне со купувачите, поради боледување, отсуство на сопственикот, и слично.
МИА го обелодени и следеше случајот од пријавата за „Измама“, која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот како и постапката која ја поведе Обвинителството и определените мерки за претпазливост па сè до Обвинителниот предлог кој доведе до денешното судење.
Неодамна, МИА објави дека Град Скопје го врати платениот данок за промет со недвижности на оштетените граѓани во измамата при купопродажба на станови, кои, покрај капар од 18 илјади евра, платија и данок за промет со недвижности во износ од близу пет илјади евра.
Станува збор за тројца од шестмината граѓани за кои МИА откри дека се оштетени со капар од 32 илјади евра при обид за купување на стан. Покрај тоа што биле измамени за капар од 10 илјади евра, своевремено, двајца различни купувачи платиле и данок за промет на недвижности за еден ист стан, секој засебно, во вкупен износ од близу три илјади евра. Да плати данок за истиот стан тргнал и третиот оштетен, кој навреме дознал за измамата и веднаш ја повлекол пријавата за утврдување на данок на промет на недвижности поднесена до Град Скопје. Во овој случај данок имаше платено и уште едно лице засегнато во измамата со капар од осум илјади евра, на кое, исто така, му беше вратен платениот данок.
Застапник на обвинението е обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска а случајот го води судијата Александра Ристеска. ар/са/