• вторник, 24 декември 2024

Суданска паравојска нападна болница во Дарфур

Суданска паравојска нападна болница во Дарфур

Каиро, 10 јуни 2024 (МИА) – Паравоените сили за брза поддршка (РСФ) нападнаа болница во западниот судански регион Дарфур, принудувајќи ја да затвори, соопшти денеска меѓународната хуманитарна организација Лекари без граници (МСФ).

Лекари без граници соопштија дека борците на РСФ вчера ја нападнале Јужната болница во градот Ал-Фашер, главниот град на провинцијата Северен Дарфур, отворајќи оган врз медицинскиот персонал и пациентите.

На фотографиите што ги објавија локалните медиуми се гледа напуштена болница, со празни кревети и медицинска опрема и дамки од крв на подот. Локалните медиуми јавија и дека армијата успеала да ги истера борците на РСФ од болницата.

- Срамота е што РСФ отвори оган во болница. Ова не е изолиран инцидент, бидејќи персоналот и пациентите трпеа напади врз објектот од сите страни со недели, но отворањето оган во болницата ја премина границата, рече Мишел Лашарит, шеф за итни операции во Лекари без граници.

Судан е зафатен од насилство од средината на април 2023 година, кога тензиите меѓу официјалната армија предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) под команда на генералот Мохамед Хамдан Дагало ескалираа во отворени борби.

Оттогаш, борбите се проширија во неколку делови на земјата, при што главниот град Картум и соседниот Омдурман станаа урбано бојно поле. Конфликтот, исто така, поттикна етничко насилство во западниот судански регион Дарфур. ОН соопштија дека во Судан се одвива „незамислива хуманитарна криза“.

Според Обединетите нации, во конфликтот досега загинале повеќе од 14.000 луѓе, а повеќе од 12.000 се ранети, а активистите и медицинските групи во земјата велат дека вистинската бројка на жртви е далеку поголема. јт/

Остани поврзан