• вторник, 05 ноември 2024

Струја за бизнис-секторот од Бугарија, цената ќе се знае идната недела

Струја за бизнис-секторот од Бугарија, цената ќе се знае идната недела
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) - Не е точно дека ако склучиме договор за испорака на електрична енергија со Бугарија, трансферот ќе оди преку Грција, вели генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски. Тој во вечерашното Топ Тема интервју на телевизија Телма информира дека заклучно со наредната недела треба да завршат работните групи на Северна Македонија и Бугарија кои треба да ги дадат предлог договорите за испорака на електрична енергија. Бугарија има вишоци кои ги продава на берзите, а земјава, како што рече Ковачевски, побарала испорака на 200 мегавати базна енертија, континуирано, 24 часа, од 1 октомври до 30 април. Во делот на билатералниот договор, Северна Македонија ќе предложи трансферот на струја да оди без надомест. -Побаравме од Бугарија да ни испорача електрична енергија по прифатлива цена. Таа електрична енергија треба да биде испорачана кон стопанството и ќе биде вид помош од Владата и ЕСМ за да може да го стабилизираме отворениот пазар. Во овој период бизнис секторот трпи голем удар кој тешко може да се издржи. За количините и испораката треба да се разговара дополнително во петок и понеделник на ниво на работни групи, а наредната недела очекуваме поконкретно колку ќе биде цената за набавка на таа енергија. Испораката ќе оди директно од Бугарија кон Северна Македонија, нагласи директорот. Во однос на прекуграничните капацитети, Ковачевски истакна дека има едногодишни кои се зафатени, но има и слободни. -Утврдивме дека енергијата може да се испорача без проблем. Ќе има доволно време и место за испорака на таа енергија, само останува да се дефинира договорот за да може од 1 октомври или во почетокот на октомври да ја добиеме и бизнис секторот да има пониски цени, напомена Ковачевски. Според него, производството на струја годинава е зголемено за 40 отсто само во делот на термоелектраните или вкупно 15 проценти во однос на првите седум месеци лани. мч/лв/

Остани поврзан