• сабота, 23 ноември 2024

Стравот од корона-кризата да се употреби како мотиватор за грижа за себеси

Стравот од корона-кризата да се употреби како мотиватор за грижа за себеси
Скопје, 12 април 2020 (МИА) - Ситуацијата со корона кризата речиси секого од нас го погодува на различен начин, пред сè поради реалниот страв по здравјето и животот, како и поради тоа што се соочуваме со невидлив непријател. Рестриктивните мерки за неизлегување од домот секој различно ги доживува и никој не останува имун на нив. Сето ова, според психолозите, може да остави и подолготрајни последици врз одредени поединци. Психолошкиот имунитет е важен подеднакво како и физичкиот. Тие заемно си делуваат. Во периодот на самоизолација, фокусот треба да биде на сите работи кои може во моментот да се прават и со нив да се подобри расположението. Пандемијата наложи примена на мерки за заштита, вклучително и самоизолацијата, кои апсолутно беа неопходни, но се и голем предизвик за секој човек. Истото наметна потреба за брза и адекватна адаптација и комплетна промена и воспоставување нов секојдневен животен ритам и функционирање. Соочување со нови навики и неизвесност за долготрајноста на истото. Преминот од активен стил на живеење во повлекување и изолирање од социјалните и професионалните активности ја зголемува и стапката на депресивни елементи кај дел од луѓето, условени пред сè од актуелната глобална тешкотија и борба за ефикасно справување со медицинскиот проблем. Ова за МИА го вели психотерапевтката Ивана Хаџиванова од НЕОКОРТЕКС-Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, истакнувајќи дека се соочуваме со непознат, ненадеен и интензивен стресор во живеењето, и егзистенцијална неизвесност од огромни размери. Таа посочува дека реалната загрозеност по здравјето и животот и соочувањето со стравот од смрт, за себе и најблиските, изолацијата, финансиските промени и антиципацијата на загуби и тешкотии, го интензивираат егзистенцијалниот страв. Сето ова, вели Хаџиванова, дополнето со неизвесноста на времетраењето и исходот од кризата, како и чувството на несигурност и стравот од губење на контрола, се сериозен и несекојдневен тригер, кој значајно го засега менталното здравје и предизвикува низа очекувани психолошки реакции и тешкотии. - Луѓето чувствуваат наплив на интензивен реален страв и висока алертност, ескалирана емоционалност со можни повремени преплавувања, анксиозност, која кај некои е интензивирана до паничност, збунетост, тага и голема загриженост за своето здравје и за здравјето на своите најблиски. Наведеното е често проследено и со интензивирана вегетативна симптоматологија, како тресење, потење, тахикардија, краток здив итн. Најчесто и првенствено се атакирани хормичките функции и нагони, апетитот, сонот и либидото, како и генерализираните волјеви динамизми, истакнува Хаџиванова. Според неа, во моментите на стравот и паничните реакции условени од ваков егзоген стресор, очекувано е да се намалат и концентрацијата, фокусот и исправното доживување на околината околу себе, со што и расудувањето е отежнато, а истото води и кон евентуален пад на ефикасноста и продуктивноста. Хаџиванова посочува и дека како одговор на стресот организмот може да реагира и преку тензични главоболки, гастрични тегоби, мускулни болки и грчеви по телото и слично и додава дека сето ова очекувано е проследено и со променливост и пад во расположението. - Стравот како доминантна емоција со која сега сите се соочуваме, со својата заштитна функција за човекот, може да биде и мотиватор и корисно да се употреби во овој период, во насока на добра и максимално одговорна себезаштита, мобилизација и адаптација. Непосакувана и некорисна е ескалацијата на стравот во паника. Таа ја намалува рационалноста, порачува психотерапевтката Хаџиванова. Таа за МИА истакнува дека со оглед на неизвесноста и времетраењето, како и трошење на его снагите, очекувани се и подолготрајни тешкотии на психички план кај одредени индивидуи. - Затоа е круцијална континуирана грижа за себе, со цел санација на ескалираната психичка напнатост, како за да се совлада моменталната состојба така и за да се избегнат последиците по психичкото здравје во понатамошниот живот. Во процесот, сите кои чувствуваат дека им е потребна помош, без стигма и двоумење, советувам да побараат психолошко-психијатриска онлајн поддршка и третман од стручни лица од областа на менталното здравје. Важна е раната и навремена психолошка интервенција кај лицата кај кои е потребна, со цел рационално справување со реалноста што подразбира и контрола на стравот, порачува Хаџиванова. Со оглед на социјалната депривација со која се соочуваме, додава таа, првата моја препорака е да се задржат социјалниот контакт и меѓусебната поддршка, како еден витален аспект за одржување на менталното здравје кај секој човек. Истата само треба да биде со препорачаната физичка дистанца и променета форма, односно телефонска и најпрепорачливо онлајн видеокомуникација. - Одржување на контактот и споделување на емоциите со супортивниот систем, а тоа се семејството и пријателите, пред сè, е многу важно сега за целокупната емоционална регулација кај човекот. Со цел намалување на преплавеноста од информации и негативни емоции, пожелно е да се редуцира следењето на медиумите и социјалните мрежи на еднаш до два пати во денот, само за информирање за можни дополнителни мерки издадени од релевантните државни институции и кредибилни извори на информации. Избегнување вознемирувачки содржини, но и лажни вести, со задржување на селективноста и критичноста во мислењето, се сега многу потребни, оценува Хаџиванова. Во однос на грижата за себе, покрај првенствено одговорно почитување на препорачаните мерки за заштита, Хаџиванова потсетува дека клучна улога има и здравиот животен стил, односно редовното спиење и здравата редовна исхрана, со цел за одржување на соматскиот, но и психолошкиот имунитет и стабилност. - Наспроти ова, морам да напоменам дека забележувам зголемена употреба на алкохол, психоактивни супстанции и тутун, како нездрав начин на справување со стресот, кој мора да се замени со здрави начини како секојдневна физичка активност во домот. Практицирање јога и водени медитации, како техники за релаксација кои се со огромна моќност за намалување на стравот, анксиозноста и паниката, топло ги препорачувам да станат секојдневна нова навика. Исто така, примената на абдоминалното дишење како техника, која носи телесно и умствено смирување, е препорачлива по неколку пати во денот. Во однос на мисловниот процес, вели дека е крајно непрепорачлива тенденцијата за катастрофизирање, односно континуираното креирање најстрашни сценарија е секогаш, а особено сега, крајно непрепорачлива и оти мора да се задржи реалистичниот поглед и перспектива, и да се негуваат трпеливоста, оптимизмот и надежта. - Добро е секој да се присети кои лични стратегии и активности ги применил во минати периоди на интензивен стрес, а биле корисни и функционални, за да ги примени и сега. Со колку повеќе здрави и адаптивни начини, добри психолошки одбранбени механизми и методи за справување со стресот, една личност сега располага и развива, толку подобро. Психолошкиот имунитет е важен подеднакво како и соматскиот. Тие заемно си делуваат. Во периодот на самоизолација, фокусот треба да биде на сите работи кои може во моментот да се прават и со нив да се подобри расположението. Не на оние кои во моментот не се достапни поради ограничувањата, бидејќи така се создава фрустрација. Хаџиванова вели дека за целокупните последици од кризата, времето ќе биде најдобар дијагностичар. - Во однос на децата, длабоко во себе, сакам да верувам и да прогнозирам дека тие полесно ќе го пребродат сето ова. Секако, за тоа да е така, одговорноста е најмногу на родителот. Тие треба да се сега добар филтер за информации. Многу е важно родителите да останат стабилни и смирени, така ќе бидат смирени и децата. Тие се моделот на однесување за справување со стресот во оваа криза, кој децата го гледаат, слушаат и имитираат. И покрај огромниот напор со кој се соочуваат, контролата врз себе и своите реакции мора да ја задржат. Имаат двоен предизвик при променетиве услови, прво грижата и одговорноста за себе, па потоа таа и за децата. Домот одеднаш стана и работно место и училница, за многумина. Затоа тие не смеат да се запостават себе, изјави Хаџиванова за МИА. Таа порачува родителите да ја употребат креативноста, да направат позитивна атмосфера во домот, и нова рутина која ќе биде новото нормално за нив и нивните деца во овој период. - Децата, покрај загубите и промените во живеењето со кои се соочуваат сега, како и возрасните, би биле потенцијално уште повеќе засегнати ако е семејството на каков било начин, конкретно посилно погодено, оценува Хаџиванова. Психотерапевтката посочува дека во Центарот за психотерапија, периодов е зголемен бројот на лица кои имаат потреба за стручна помош и психолошка поддршка. - Со оглед на кризната ситуација, и ризик по менталното здравје, максимално сме достапни и посветени на клиентите и секој кој се јавува за помош. Направена е адаптација во психотераписката работа во центарот, и во периодов практицираме телетерапија, односно онлајн психотераписки сесии и комуникација со клиентите. Телетерапијата е докажано ефикасна форма на работа за поддршка и третман на менталното здравје, која сме ја практицирале и претходно, а особено е препорачлива во овој период и во услови на изолација, вели за МИА психотерапевтката Хаџиванова од НЕОКОРТЕКС-Центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација. Неда Димова Прокиќ Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан