• недела, 11 август 2024

Стефковски: Изградени нов парк, детско катче и кошаркарско игралиште во Ченто

Стефковски: Изградени нов парк, детско катче и кошаркарско игралиште во Ченто
Скопје, 14 септември 2022 (МИА) - Општина Гази Баба во соработка со градот Скопје гради нов зелен парк на површина од 5000 метри квадратни во Ченто. Во рамки на паркот се изгради ново детско катче на тартан подлога со најсовремени реквизити и се изврши целосна реконструкција на кошаркарското игралиште како директна инвестиција од општина Гази Баба.
-Општина Гази Баба во рамки на новиот зелен парк во Ченто изгради ново детско катче и комплетно го реконструираше кошаркарското игралиште. Општина Гази Баба во соработка со градот Скопје на површина од 5000 метри квадратни во Ченто веднаш до ООУ Крсте Мисирков гради нов зелен парк кој ќе преставува место за одмор и рекреација на граѓаните од Ченто, напиша на својот фејсбук-профил градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Тој информира дека изградбата на ново детско катче на тартан подлога со најсовремени детски реквизити, како и комплетната реконструкција на кошаркарското игралиште е инвестиција на општина Гази Баба. Дополнително, додава Стефковски, ќе биде поставена и нова урбана опрема.
-Ново детско катче и реконструкција на кошаркарското игралиште беа најчестите барања на жителите од овој дел на Ченто и денес тие се реалност. Чекор по чекор Гази Баба добива лик на урбана и модерна општина, напиша Стефковски. сст/дма/

Остани поврзан