• вторник, 01 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Стара Загора е пример дека Бугарија има традиции во развојот на своите региони, изјави генералниот директор на БТА Кирил Валчев

Стара Загора е пример дека Бугарија има традиции во развојот на своите региони, изјави генералниот директор на БТА Кирил Валчев

Софија, 26 февруари 2025 – Стара Загора е пример дека Бугарија има традиции во развојот на своите региони, што не започнаа со влезот во Европска Унија, туку продолжува со поддршка. Ова го изјави генералниот директор на Бугарската телеграфска агенција (БТА), Кирил Валчев, на почетокот на локалната конференција за проектот „Европа на Балканот: Заедно преку знаење“ што се одржува во Националниот прес-клуб БТА во Стара Загора. Како пример за инвестиции во ваков развој, Валчев ги посочи Операта и Универзитетот во градот.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Годинава се навршуваат 100 години од првата опера вон Софија, посочи Валчев. Тој потсети дека операта во Стара Загора почнала со работа на 1 јули 1925 година. На овој датум се одржа и првата оперска претстава – операта „Гергана“ од маестро Георги Атанасов. Инаку, од Стара Загора потекнуваат светските изведувачи како што се Христина Морфова, Ана Томова-Синтова, Стефка Минева, Веселина Кацарова и многу други, истакна генералниот директор на БТА и додаде дека новата зграда на операта од 2010 година, што беше изградена по пожарот во стариот објект, станува најголемата оперска куќа на Балканот и е првата зграда во Бугарија изградена специјално за опера.

Дел од продукциите на операта во Стара Загора се поставени на реставрираниот римски форум, што се наоѓа веднаш до зградата на операта, истакна Валчев. Според неговите зборови, ова е потсетник на многу подревна историја на милениумскиот урбан развој овде. Доказ за тоа се двете неолитски живеалишта од новото камено време од Шестиот милениум п.н.е., кои се најдобро сочуваните и најбогатите во Европа, нагласи тој. Исклучително интересно откритие, според него, е глинена фигура со човечка глава и тело на животно, споредена со сфинга. Сфингата е многу помала од Големата Сфинга во Гиза, но е многу постара од неа – стара над 7.000 години.

Тракискиот универзитет е уште еден пример за повеќестраниот развој на регионот Стара Загора, што продолжува во Европска Унија, но почна многу пред тоа, рече Валчев. Тој посочи дека Високиот институт за зоотехника и ветеринарна медицина е формиран во 1974 година, како прва високообразовна институција во Стара Загора со преселувањето од Софија на Факултетот за зоотехника и ветеринарна медицина на Земјоделската академија, кој во 1995 година прерасна во Тракиски универзитет. И тој се надоврзува на она што започна на Софискиот универзитет во 1921 година, кое, сепак, не е ограничено само на главниот град, бидејќи кај нас отсекогаш постоела мисла за регионален развој.

Инаку, дел од овој развој се и инвестициите низ годините во блискиот индустриски комплекс Мини Марица-Изток, чија иднина е на дневен ред бидејќи Бугарија, сега во ЕУ, мора да донесе одлуки како да продолжи да го развива овој регион, додаде Кирил Валчев.

Проектот на БТА „Европа на Балканот: Заедно преку знаење“ со поддршка на Европската комисија има за цел да ја раскаже приказната за размената на знаење меѓу луѓето во Бугарија и на Балканот и луѓето од остатокот на ЕУ, за да можеме да се запознаеме со заедничките придонеси во нашиот заеднички живот во ЕУ. „Вообичаено слушаме дека Бугарија добива пари од ЕУ и она што ни останува во мислите е дека ние Бугарите сме тие кои имаме корист од нашето учество во Унијата, но вистината е дека ЕУ има корист и од Бугарите, исто како што има корист од другите европски народи. Поентата на овие средби е да се види современиот придонес“, рече Валчев.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан