• недела, 22 декември 2024

ССНМ остро ги осудува заканите и обидите за замолчување на новинарите

ССНМ остро ги осудува заканите и обидите за замолчување на новинарите

Скопје, 12 ноември 2024

 

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ги осудува денешните закани, заплашувања и обиди за замолчување насочени кон новинарката на Сакам да кажам, Соња Колевска-Делевска и кон новинарот на телевизија Телма, Срѓан Стојанчов.

Новинарот Стојанчов по објавување на текст за кандидатурата на Афрона Верзиволи за избор во Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги во приватна порака добил сериозни закани и заплашувања проследени со пцости од профилот на извесен Фаик Демири, кој се совпаѓа со името на братот на Адриан Демири, сопруг на Верзиволи и прв човек на огранокот на Алијанса на Албанците во Липково. Ваквите закани особено кога доаѓаат од лица блиски на политички или партиски функционери се недозволиви и претставуваат сериозен обид за замолчување на новинарите, предизвикуваат несигурност и се сериозен потенцијал за автоцензура.

Во вториот случај новинарката Колевска-Делевска додека ги извршувала секојдневните работни задачи во Собранието, односно му поставувала прашања на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, директно била попречена од пратеникот Драган Ковачки со обвинување дека снима. Иако телефонот на Колевска-Делевска не бил вклучен на снимање (што и не би било чудно за работата на новинар кога поставува прашања), Ковачки продолжил да ја попречува работата и да го извлекува Христовски од разговорот повторувајќи ги обвинувањата.

ССНМ смета дека крајно непрофесионално и недозволиво е избрани лица кои ги претставуваат граѓаните во Собранието да се однесуваат на ваков начин со новинарите и тие треба да бидат свесни за потребата од транспарентност и отвореност кон медиумите, а со тоа и кон граѓаните.

Потенцираме дека ваквите навреди и обиди за замолчување на новинари се недопустливи во едно демократско општество и се сериозен удар за слободата на медиумите.

ССНМ за овие инциденти ќе ги извести Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари чијшто член е. 

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници 

Фото: МИА архива

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан