ССК: Данокот на екстра профит создава несигурност
- Сојузот на стопански комори (ССК) реагира по денешното донесување на Законот за данок на солидарност. Оценува дека ваквото законско решение е погубно и деструктивно за бизнисот и дека со него Владата испраќа порака според која плаќачите на данок треба двојно да плаќаат и се за сметка на неплаќачите на данок, кои сега, додава ССК, се посебно стимулирани.
Скопје, 19 септември 2023 (МИА) - Сојузот на стопански комори (ССК) реагира по денешното донесување на Законот за данок на солидарност. Оценува дека ваквото законско решение е погубно и деструктивно за бизнисот и дека со него Владата испраќа порака според која плаќачите на данок треба двојно да плаќаат и се за сметка на неплаќачите на данок, кои сега, додава ССК, се посебно стимулирани.
-Погубен и деструктивен за бизнисот и за стопанството во целата држава е Законот за данок за екстра оданочување, популистички наречен данок на солидарност. Покрај што во самото создавање на законот воопшто не беа земени во предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат, вака како што е донесен ќе направи непоправлива штета за компаниите. Законот пред сѐ се коси со начелата на бизнисот, со правата на инвеститорите и со исплатата на дивиденда. Трошоците за Данокот на „солидарност“ излегуваат надвор од деловните годишни планови, по затворање на фискалната година, распределбата на дивиденда, отсуствуваат од годишните инвестициски и развојни стратегии. Оној што малку се разбира во деловно и финансиско работење, знае колку погрешни се овие мерки и колку погубни резултати ќе има врз бизнисот, наведува ССК.
Сојузот истакнува и дека „не постои пример во светот каде се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, кој демотивира и дестимулира“.
-Ваков закон се носи за најголемите плаќачи на данок и тие што ја полнат државната каса. Со носењето на овој закон владата испраќа порака дека плаќачите на данок треба двојно да плаќаат и се за сметка на неплаќачите на данок, кои сега се посебно стимулирани. Концептот на данокот ги демотивира субјектите за нови инвестиции, затоа што повисок данок ќе платат субјектите кои реинвестираа од добивките во претходните три години, што претставува лоша порака за идните инвеститори. На ваков начин, со дополнително „казнување“ на оние што ја крепат државната економија и што го развиваат БДП на државата, македонската економија нема иднина, наведува ССК. мч/лв/
фото: МИА архива