• петок, 22 ноември 2024

Српски медиуми: Новиот вицепремиер на Северна Македонија ќе придонесе за унапредување на односите со Србија

Српски медиуми: Новиот вицепремиер на Северна Македонија ќе придонесе за унапредување на односите со Србија

Белград, 20 јуни 2024 (МИА) - Српските медиуми по најавата дека Иван Стоиљковиќ во новата влада ќе биде вицепремиер и министер за односи со заедниците пишуваат дека тоа ќе придонесе за понатамошно унапредување на односите на Северна Македонија со Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Курир наведува аналитичари кои оценуваат дека именувањето на Стоиљковиќ на новата функција е исклучително добра вест за Белград. Така, поранешниот амбасадор на Србија во Германија, Милован Божиновиќ изјави дека изборот на Стоиљковиќ на оваа функција е многу значаен сигнал дека новата влада ќе има поинаква политика од претходната, за која честопати, вели, со право се тврдеше дека била под преголемо влијание на албанските актери во коалицијата.

- Не може да се каже дека позицијата на Србите во Македонија досега беше загрозена, но тие беа игнорирани како политички партнери. Тоа, пак, е охрабрувачки гест за поинаков менталитет во односите меѓу балканските држави и доказ дека е можно да се разликува од практиката секогаш да се води политика на дистанцирање од Србија, кажа Божиновиќ.

Тој посочи дека не треба да очекуваме дека Стоиљковиќ ќе води просрпска политика, но истакна дека неговото назначување за вицепремиер е знак дека политиката кон и со Србија ќе се води, како што посочува, без предрасудите што досега постоеја.

-Ова секако е добар сигнал и добар настан што ќе им помогне на нашите балкански соседи да се навикнат на една поинаква Србија, која ќе биде важен партнер за сите. Ќе видиме како ќе реагираат албанските структури кои се силно прокосовски, но сега и во Македонија ќе има различни гласови, што е значајно, рече Божиновиќ и додаде дека фактот што „Србин е на толку висока позиција во македонската влада ќе биде важен и во меѓународните институции кога станува збор за постапките на Северна Македонија“.

Рајко Петровиќ од Институтот за европски студии за Курир истакна дека Стоиљковиќ со години покажувал дека е вистински патриот како Србин, но и како граѓанин на Северна Македонија кој секогаш ги почитувал нејзиниот Устав и закони.

- Тој е толку идеален човек кој може да ги подобри нашите односи, кои се во подем, затоа што не треба да заборавиме дека сите анкети покажуваат дека Македонците во Северна Македонија најмногу ја сакаат и почитуваат Србија од сите странски земји. И Србија не го оспорува името, идентитетот, јазикот или црковното наследство на Северна Македонија, што се огромни успеси за кои придонесе и Стоиљковиќ, а неговото назначување на идната функција е повеќе од заслужено, а особено ќе има значајна улога во однос на продлабочување на иницијативата Отворен Балкан, изјави Петровиќ.

Од друга страна, додава тој, можевме да слушнеме дека во политичките кругови во Македонија постои незадоволство од тоа како претставникот на претходната влада гласал за резолуцијата за Сребреница и, вели, јасно е дека Стоилковиќ ќе има повеќе отколку важна улога и во тој контекст.

Стоиљковиќ во кратката изјава за „АЛО“ изјави дека ќе придонесе за рамноправност на сите етнички заедници.

-Ќе се обидам да ги вратам Србите во економскиот и политичкиот живот на македонската држава од која беа исклучени, но тој напор ќе биде насочен и кон сите други малцински заедници, истакна Стоилковиќ за АЛО.

Тој смета дека јавноста во Србија не знае доволно за ситуацијата во Северна Македонија и дека било тешко да се бори за правата на целосно запоставената српска заедница во време кога самата Србија имала големи проблеми.

Тој се осврна и на противењето на Албанците за неговото именување.

-Сега, по 20 години, дел од албанските партии конечно заминуваат во опозиција, што за некои како Бујар Османи до неодамна беше незамисливо. Факт е дека Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во последните две децении стана машина за вработување на Албанците и место каде се собира политичкото влијание. Станува збор за „тврдина“ која во моментов има 470 вработени. Таа тврдина сега е начната, рече Иван Стоилковиќ, кој истакна дека најважно е што е урнато едно табу, а тоа е дека „македонските Срби не можат да учествуваат во водењето на македонската држава“. Табуто е скршено, додава тој, и со тоа што втор вицепремиер во исто време ќе биде Албанецот Изет Меџити. об/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан