• петок, 22 ноември 2024

Српска ревија на македонскиот филм во Белград

Српска ревија на македонскиот филм во Белград

Белград, 14 ноеммври 2024 (МИА) - Од денеска до сабота 16 ноември, во Белград во Културната установа Пароброд се одржува првата Српска ревија на македонскиот филм, тридневен празник посветен на наградуваните филмови на меѓународни фестивали, кои носат силен уметнички печат на препознатливите македонски режисери и сценаристите, на музиката и културата на Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Фестивалот се отвора со филмот „Медена земја“, двапати номиниран за Оскар и победник на Санденс фестивалот, кој ја одбележа историјата на македонската и светската кинематографија. По проекцијата ќе следи разговор со режисерката Тамара Котевска, која преку мастер клас со студентите по филмска режија ќе го сподели уникатното искуство од работата на овој филм.

-Македонската култура, и особено македонскиот филм и музиката, се дел од богато наследство, каде традиционалните и современите вредности се испреплетуваат на еден возбудлив начин што луѓето во Србија често го чувствуваат како свое. Ова чувство произлегува не само од заедничкото општествено-политичко минато, туку и од уметничките врски меѓу овие простори, каде културата и уметноста служеле и продолжуваат да служат како поврзувачка нишка на Балканот, изјави Јорданчо Петковски директор на ревијата.

Тој наведе дека ревијата на македонскиот филм се одржува во три дела: филмски, музички и културно-деловен сегмент.

Филмскиот дел, како централна компонента, вклучува: документарни, краткометражни, и долгометражни играни филмови, како и македонски класици (во соработка со Кинотеката на Северна Македонија) и филмски журнали (во соработка со Филмските новости на Србија). Посебен куриозитет се филмските журнали-досега необјавени архивски материјали од Филмските новости, кои ќе прикажат сегменти од животот во Македонија.

Посебно место во програмата зазема и култниот филм „Дае“ на режисерот Стојан Попов, првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар краткометражен филм во 1980 година, како и краткометражни филмови меѓу кои наградуваниот филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска, кој освои преку 19 награди и беше номиниран за Златна палма на Канскиот фестивал, и филмот „Бубачки“ на режисерот Игор Иванов Изи, кој го доби Златниот леопард на Локарно филмскиот фестивал. Ке се емитува и филмот Панкот не е мртов и разговор со режисерот Владимир Блажевски.

Музичкиот дел на ревијата ќе ја претстави македонската музика која е од суштинско значење за културното наследство на земјата. Бранислав Николов, фронтмен на групата Пијан Славуј и текстописец и фронтмен на култниот македонски бенд Фолтин, ќе настапи со своите уникатни композиции.

Игор Василев Новоградска, композитор и музички иноватор, ќе го презентира својот репертоар, познат по својата соработка со Милчо Манчевски и неговите електронски и амбиентални композиции кои ја освојуваат публиката ширум светот. На неговиот настап тој ќе споји аудиовизуелни впечатци со темата на фестивалот.

Ревијата се реализира со поддршка на Министерството за култура на Р. Србија, општина Стари Град, Филмскиот центар на Србија, Амбасадата на Р. Северна Македонија, и партнерите како Филмске новости, Македонска Кинотека и други. об/цр

Фото: Културна установа Пароброд / Српска ревија на македонскиот филм

Остани поврзан