• понеделник, 25 ноември 2024

Средношколци од Куманово со врсници од четири европски земји се едуцираат и реализираат локални иницијативи за заштита на животната средина

Средношколци од Куманово со врсници од четири европски земји се едуцираат и реализираат локални иницијативи за заштита на животната средина

Куманово, 23 мај 2024 (МИА) - Средношколци од Куманово заедно со врсници од Хрватска, Србија, Унгарија и Италија преку проектот „Еразмус +“ се едуцираат за заштита на животната средина, соопштија денеска од здружението „Креатор“ Куманово.

Средношколците на едукативните работилници насловени „Екопатрола“ реализираат локални иницијативи во околината на Куманово.

- „Екопатролата“ е пилот едукативен модел на долгорочно неформално образование. Програмата опфаќа осум модули кои треба да се имплементираат во времетраење од четири до осум месеци со иста група на ученици, со цел да се воочи долготрајниот ефект на програмата. Во Куманово ја спроведуваме со група од 28 младинци на возраст од 16 до 18 години од сите средни училишта од Куманово, изјави Катерина Димовска од „Креатор“ Куманово.

Средношколците месечно спроведуваат две еднодневни работилници на теми поврзани со заштита на животната средина и изучуваат различни за еколошка писменост, модул за водата како ресурс, за биодиверзитет.

- Инаку програмата е дел од проектот „ЕcoPatrols4EnvironmentalGoals“ финансиран од „Еразмус +“ програмата на ЕУ, а го спроведуваме заедно со уште четири земји од Европа, вели Димовска.

Изминативе месеци се одржуваат редовни работилници, младите креативно учат за заштита на животната средина. Од Здружението информираат дека ова е пример за локална иницијатива, потребна од повеќе аспекти за зголемување на свеста и едукација на населението за еколошките проблеми и нивните решенија. Младите повеќе се свесни за влијанието на нивните активности и повеќе преземаат иницијативи со кои директно влијаат на специфични еколошки проблеми во локалната заедница, како што се загадувањето на воздухот и водата, уништувањето на природните живеалишта и управувањето со отпадот.

- Програмата во исто време се имплементира и во Хрватска, Србија, Унгарија и Италија. Често пати со партнерите на проектот споделуваме информации за тоа како младите во сите земји ги доживуваат работилниците и дали се задоволни од нивната содржина. Сега за сега, оваа програма покажува одлични резултати, младите сакаат да доаѓаат на работилниците, сакаат да учествуваат и супер си поминуваат со нас, изјави младинскиот едукатор, Анастасија Мицевска. ам/мд/


Фото: „Креатор“


 

 

Остани поврзан