Средба со авторот Антоновски и потпишување примероци од книгата за есеистиката на Горан Стефановски – „Идентитетот е приказна“
- По промоцијата на книгата за есеистиката на Горан Стефановски – „Идентитетот е приказна“, заради големиот интерес на читателите, денеска, во книжарницата на „Полица“ во Скопје ќе биде и автор
- Oва е првиот системски и систематизирачки пристап кон есеистичкиот опус на Горан Стефановски, обезбедувајќи го неопходното формално-критичко вреднување на еден заокружен корпус којшто е неформално валоризиран преку цитатното сеприсуство во дигиталниот и во културниот простор. Следствено, тоа е значаен влог и во рамките на она што авторот Антоновски го именува како горанологија, истакна на промоцијата на „Идентитетот е приказна“, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Марија Ѓорѓиева-Димова.
Универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска во своето кусо излагање на промоцијата нагласи дека Горан Стефановски не можел да најде подобар соговорник од Иван Антоновски, затоа што оваа книга, колку што е дело на Антоновски, толку е и провокација што тој ја најде читајќи го Стефановски.
Во освртот за оваа значајна книга, универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар, Венко Андоновски истакна дека конечно се случи едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на есеистиката на Горан Стефановски. Според него, методолошката „десетка во целта“ лежи во сфаќањето на Антоновски дека „есејот на Стефановски може да биде метажанр“ во однос на неговите пиеси.
- Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски – констатира Андоновски.
Покрај позитивните оцени од стручната критика, многубројни се и позитивните реакции за „Идентитетот е приказна“ и воопшто од читателите, кои искажаа интерес за книгата и побараа примерок од неа и пред нејзината прва промоција.
На средбата со авторот на „Идентитетот е приказна“, Антоновски, во книжарницата на „Полица“, покрај читателите кои првпат ќе дојдат по свој примерок, добредојдени се и оние кои веќе ја имаат прочитано книгата, за непосреден разговор за есеите и воопшто творештвото и културниот подвиг на Горан Стефановски, затоа што како што неодамна нагласи Антоновски – исчитувањето на Горановиот опус, никогаш нема да заврши, наведува издавачот.
Книгата „Идентитетот е приказна“ е објавена од „Полица“ во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, по повод 70 години од раѓањето на големиот драмски автор и есеист. вг/са/