• понеделник, 23 декември 2024

Средба на проширената група за реформи во изборното законодавство

Средба на проширената група за реформи во изборното законодавство

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) – Проширената работна група за реформи во изборното законодавство денеска одржува средба на која ќе треба да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а паралелно да работи и на нов Изборен законик.

Пред почетокот на состанокот на работната група претседателот Александар Новаковски информира дека изминатите четири до пет месеци работеле подгрупите, во кои биле опфатени сите институции надлежни за спроведување на изборниот процес. 

-Беа опфатени невладините организации, политичките партии и доставен им е материјалот, измените се готови, доставени се до сите пред три недели. Сега, денеска треба да се усвојат тие согласно Деловникот, а се однесуваат на измени околу финансирање на политичките партии, заштита на избирачко право, околу медиумите, медиумското претставување. Оваа работна група имаше мандат само за препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сите кои можеа да бидат имплементирани се имплементираа, некои не може да се имплементираат, не се компатабилни со нашиот Изборен законик, а потоа се надевам дека ќе се изнајде начин истата работна група да продолжи да работи на нов Изборниот законик, рече тој. 

Тој истакна дека Министерството за правда било добро организирано и оти во процесот биле опфатени сите клучни субјекти. 

-Затоа што изборниот процес не зависи само од еден орган, зависи од сите, буквално и тие кои ги следат изборите, важно е однесувањето на сите. Се надевам дека овие измени ќе придонесат работите на следните избори да станат појасни, оцени тој.

Во однос на финансирањето на изборите, односно средствата со кои ќе располагаат политичките партии тој рече дека има некакви ограничувањ, но посочи дека нема да ги коментира се додека не бидат усвоени.

Додаде дека ќе има време за имплементација во однос на финансиите за изборниот период и дека сега е вистинскиот момент оти останува на политичите партии да се договорат.

-Ние не можеме да знаеме што ќе договорат, дали заеднички или посебни избори.  Сега топката е кај Собранието, изјави претседателот на работната група.

Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ од друга страна истакна дека денеска работната група треба да го финализира тесктот со сите предлози и препораки кои можат да се имплементираат и да се вклопат во нашето изборно законодавство.

-Министерството за правда ја формира оваа работна група пред шест месеци со цел во Изборниот законик да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР за коишто и даде мандат на оваа работна група. Се заблагодаруваме на сите учесници во работната група и претставници од институциите и од политичките партии кои доставија свој претставник за исцрпната работа и на подгрупите кои изготвија еден предлог, и сите оние препораки кои, се ставени. И денеска работната група ќе треба да го финализира тој текст и да го достави до МП. Откако ќе го добие конечниот текст на работната група, Министерството ќе го достави до политичките партии во Парламентот, бидејќи сите знаете дека овој Изборен законик се носи со политички консензус, појасни заменик-министерката.

Информира дека опозицијата иако била повикана неколкупати не се појавила, и дека дури им било понудено претседателско место.

Таа рече дека неучеството на опозицијата не значи дека тие нема да бидат кооперативни и додаде дека предлогот ќе го достават до координаторот на нивната пратеничка група. свс/ар/

Фото: МИА 

Остани поврзан