• петок, 05 декември 2025

Средба на министерката Божиновска со австриската министерка Клаудија Плаколм и раководството на ЕВН Македонија

Средба на министерката Божиновска со австриската министерка Клаудија Плаколм и раководството на ЕВН Македонија

Скопје, 7 октомври 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска остварила средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство Клаудија Плаколм и со раководството на ЕВН Македонија. На средбата присуствувал и австрискиот амбасадор Мартин Памер.

Фокусот на разговорите, како што соопшти ресорното Министерство, бил насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.

Министерката Божиновска истакнала дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.

- ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството, нагласила министерката Божиновска.

Во рамки на посетата, делегацијата се запознала и со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.

Австриската министерка, како што информира ресорното Министерство, изразила задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.

Двете министерки потврдиле дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржливиот енергетски развој и зелена транзиција, стои во соопштението. бак/вг/

Фото: Министерство за енергетика

Остани поврзан