Средба на Милошоски и членови на КЕП со претседателката на Државниот збор: Реафирмирана силната поддршка од Словенија за евроинтеграцијата на Северна Македонија
- Претседателот на Комисијата за европски прашања Антонијо Милошоски и членови на ова работно тело на Собранието оствариле средба со претседателката на Државниот збор на Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, на вториот ден од нејзината посета на земјава.

Скопје, 10 април 2025 (МИА) - Претседателот на Комисијата за европски прашања Антонијо Милошоски и членови на ова работно тело на Собранието оствариле средба со претседателката на Државниот збор на Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, на вториот ден од нејзината посета на земјава.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, на средбата биле разменети мислења за повеќе аспекти од соработката меѓу нашата земја и Република Словенија, со акцент на константната словенечка подддршка за евроинтеграцијата на Северна Македонија, како и за целиот процес на проширување на Европската Унија.
- Милошоски се осврна на пречките со кои се соочува нашата земја на долгиот пат кон остварување на својата стратешка цел, посочувајќи на разочараноста што ја предизвикува кај граѓаните одолговлекувањето на процесот на евроинтеграција, како фактор кој ги поттикнува и миграциите, се наведува во соопштението.
Соговорниците се осврнале и на словенечкото искуство во однос на Хрватска, како пример за надминување билатерални спорови во интерес на проширувањето на ЕУ.
Клакочар Зупанчич ја реафирмирала силната поддршката на Словенија за интеграција на нашата земја во ЕУ, оценувајќи дека процесот на проширување мора да продолжи со што побрзо темпо за целиот регион на Западен Балкан.
Претседателката на Државниот збор и пратениците од КЕП размениле мислења и за парламентарната соработка меѓу Северна Македонија и Словенија, како и за можностите за црпење искуства во процесот на реформите, особено во делот на образованието и јавното здравство. цр/ац/
Фото: Собрание на РСМ