Средба Груби - Филипиду: Европскиот пат бара заеднички фронт на сите прогресивни сили
- Уставните измени, интеграцијата во ЕУ, функционирањето на владината коалиција, спроведувањето на Договорот од Преспа и состојбите во регионот, беа теми на денешната средба на првиот потпретсе
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - Уставните измени, интеграцијата во ЕУ, функционирањето на владината коалиција, спроведувањето на Договорот од Преспа и состојбите во регионот, беа теми на денешната средба на првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и амбасадорката на Грција во нашата земја Софија Филипиду.
Уставните измени, како што информира Кабинетот на Груби, се оценети како неопходни поради тоа што се услов за продолжување на европскиот пат.
Груби истакна дека во овој обемен консултативен процес треба да се разгледат сите недостатоци на Уставот и да се вклучат уставните експерти, медиумите, граѓанскиот сектор, политичките партии и универзитетските професори.
- Понатамошната интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија е дополнителна гаранција за стабилност и просперитет во овој дел од Европа, а Грција продолжува да ја дава својата поддршка за завршување на интегративниот процес, се вели во соопштението.
Функционирањето на владината коалиција беше и дел од разговорот меѓу Груби и амбасадорката Филипиду, при што беше истакнато дека европскиот пат бара заеднички фронт кој мора да биде поддржан од сите прогресивни сили.
Грција, како што се наведува, е силно посветена во поддршка на Република Северна Македонија преку целосно спроведување на Преспанскиот договор.
На средбата станало збор и за ситуацијата во регионот, при што Груби го поздрави постигнатиот договор меѓу Косово и Србија во Брисел, нагласувајќи ја итната потреба од меѓусебно признавање како единствено можно решение за спорот. мд/сп/