• понеделник, 20 април 2026

Бесими – Бо Ли: Северна Македонија продолжува со спроведување здрави политики, потврдени со ПЛЛ

Бесими – Бо Ли: Северна Македонија продолжува со спроведување здрави политики, потврдени со ПЛЛ

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) - Република Северна Македонија води здрави макроекономски политики. Тоа минатата година беше потврдено од страна на Меѓународниот монетарен фонд со одобрувањето на пристап на земјата до средства од Програмата за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ). Поволните средства обезбедени преку оваа програма претставуваат основ и даваат  гаранција за спроведување на таквите политики и во наредниот период. Ова, како што информираат од Министерството за финансии, беше заклучено на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ во Маракеш, Мароко.

-Меѓународниот монетарен фонд минатата година преку Програмата за претпазливост и ликвидност – ПЛЛ на РС Македонија и стави на располагање 530 милиони евра. Тоа беше дел од нашите напори во услови кога на финансиските пазари цените се високи, да обезбедиме средства по најповолни услови, од една страна, а од друга страна добивме и потврда за исправноста на политиките што ги водиме. Од обезбедените средства 110 милиони евра се веќе повлечени и ставени во функција на справување со енергетската криза и инфлацијата, рече министерот Бесими.

Тој потенцира дека се останува на определбата за обезбедување финансирање на буџетот по најповолни услови и во рамки на тоа спроведување на постепена фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит.

- Фискалната политика предвидува етапна фискална консолидација. Буџетскиот дефицит од 4‚6 отсто во 2023 година, колку што е проектиран, се предвидува во 2024 година да изнеусва 3,4 проценти, во 2025 година 3 отсто од БДП и до 2028 година да се намали на 2,5 проценти, посочи Бесими и потенцира дека при тоа учеството на капиталните расходи се зголемуваат на 5 отсто од БДП на годишно ниво што е суштинско за обезбедување повисоки стапки на економски раст.

Како што беше истакнато на средбата од Буџетот се сервисираат сите обврски редовно. Буџетскиот дефицит останува на исто ниво во номинален износ, иако беше направена прераспределба на средства заради исплата на зголемените плати за јавната администрација и пензиите, а при тоа се креираат и мерки за справување со ценовната и енергетската криза, за што се издвоени 225 милиони евра во Буџетот и дополнително со прераспределбата 4,55 милијарди денари. дма/са/

Фото: Министерство за финансии

 


 

 

Остани поврзан