• понеделник, 20 април 2026

Томина недела: Еве зошто т.н. „Евангелие по Тома“ не се нашло во Библијата

Томина недела: Еве зошто т.н. „Евангелие по Тома“ не се нашло во Библијата

Скопје, 19 април 2026, (МИА) -Денеска е Томина недела. Првата недела по Велигден. Денот на неверниот Тома. Оној кој мораше да ги допре раните на Исус за да поверува. 

„Додека на рацете негови не го видам знакот од клиновите и не го ставам прстот на тоа место и не ги ставам рацете на неговиот колк, нема да поверувам, им рече Тома на Исусовите ученици. По осум дена, учениците негови повторно беа внатре и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, дојде Исус, застана пред нив и му рече на Тома:

„Пружи го прстот свој ваму: еве ги рацете мои. Пружи ја раката своја и стави ја на мојот колк и веќе не биди неверен, туку верен. „Господин мој и Бог мој“, изјави Тома (оваа негова реченица предизвикува некои научници да тврдат дека Исус рекол дека во исто време е и Господ и Бог, односно дека ја урива тезата за тројството: Отец, Син и Светиот дух). „Бидејќи ме гледаш, веруваш. Блазе си им на оние кои ќе поверуваат, а да не виделе!“.

Вака, според записот на евангелистот Јован се случувала средбата во текот на која апостолот Тома, еден од дванаесете Исусови ученици, кој се сомневал во вистинитоста на Христовото воскреснување, лично се уверил дека тоа навистина и се случило. Но, постои и едно Евангелие, чиј наслов е „Евангелие според Тома“, сосема различно од тие кои се во Билијата и кое содржи 114 изреки на Исус. Една од најпознатите е дека „тој кој ќе го сфати нивното значење, нема да ја искуси смртта“. 

Но, сепак, тоа не било доволно неговото Евангелие на крајот да се најде во Новиот Завет, заедно со четирите базични евенгелија на Марко, Матеј, Лука и Јован (кое последно настанало) и кои низ историјата на христијанството се прифатени како фундаменти на оваа религија. Зошто ова Евангелие не се нашло во Библијата? 

Не можело да му се верува

Неприфаќањето на Евангелието според Тома се случува и покај фактот што голем дел од 114 запишани поговорки на Исус Христос се во составот на некое од четирите канонски евангелија, но останатите – околу половина од нив– не!. Тоа отвора прашање зошто светите отци кои низ историјата ги определувале основите на христијанската вера едните поговорки ги сметале за вистинити, а останатите ги игнорирале, па дури ги сметале и за еретички списи? Одговорот на ова можеби е во тоа што четирите канонски евангелија настанале порано, уште во првиот век, а ова што му се припишува на апостолот Тома е напишано меѓу 150 и 200 година од новата ера, односно, околу еден век подоцна. Според други, Томиното евангелие најверојатно е напишано околу 120–150 година, од анонимен автор, во средина што веќе ги познавала канонските евангелија и развивала мистични (гностички) идеи. Најстар запис од ова Евангелие е од околу 200 година од н.е. а целосното гностчко Евангелие е пронајдено во Наг Хамади во 1945 година, и потекнува од 4 век. Името на неговиот автор, како што рековме, остана непознато.

Сепак, апостолот кој се посомневал во воскреснувањето на Исус бил негов ученик, па дури во народот останало уверување дека му бил и брат-близнак, и за тоа време сигурно на своите следбеници им пренел многу работи кои им ги порачувал Исус Христос. Тоа, очигледно, не било доволно и заради тоа и ова Евангелие го ставиле во редот на апокрифните, на оние на кои не може да им се верува доволно и кои настанувале низ историјата на христијанството, а се врзуваа за одредени личности. Такви се, на пример, „Евангелието на Петар“ за маките на Исус, „Детското евангелие според Јаков“ за детството на Богородица, „Раѓањето на Марија“, „Историјата на Јосип дрводелецот“ и други...

Теологот отец Бобан Митевски уште одамна објаснуваше дека сето она што е потребно и важно за верниците, што направил, кажал или се однесува на делото и животот на Исус Христос, е вметнато во новозаветните книги. 

-Проблемот со неканонските, апокрифните книги се состои во тоа што истите за да бидат примени од пошироката јавност, биле припишувани на некој од авторитетните апостоли, особено ако за тој апостол постоело сведоштво дека ништо не напишал. Второ, содржински се сосредоточувале на делот од Христовиот живот, кој е изоставен, односно малку е опишан, како неговото детство, неговите страдања, или за животот на Пресвета Богородица, или посочување на некои зборови што ги кажал Христос, што е воочливо од делата на ранохристијанските писатели, но новозаветните автори не ги вметнале. И третото, што е најважно -  апокрифните книги содржат ерес, лажно неправилно учење, кое на овој начин, преку претходните две наведени причини, да се наметне, објаснувапше Митевски.

„Петто евангелие?“

Инаку, Евангелието според Тома кое било откриено од египетските селани во гробот во Наг Хамади, кај Луксор, како дел од вкупно 49 верски текстови, предизвика на свој начин и потреси во дотогашното познавање на автентичното учење на Исус Христос. Имено, модерното истражување на Библијата утврдило дека евангелистите Лука и Матеј морале да имаат збирка на поговорки на Исус, која како најстар спис циркулирала меѓу неговите следбеници. Таа се сметала како некакво „праевангелие“ со сочуваните мисли, односно, меѓусебно неповрзани поговорки, а токму такво е Евангелието според Тома. Таа теза води кон тоа дека тоа било постаро од сите четири канонски евангелија кои го сочинуваат Новиот Завет, поточно дека било нешто како „петто евангелие“.

Отец Бобан Митевски, меѓутоа, смета дека Евангелие не може да се смета како такво туку е обид на авторот да го имитира стилот на авторите од канонските евангелија.

-Ова Евангелие, всушност, нема вредност од религиозен, духовен аспект. Во себе содржи обид на гностицизмот, ерес од првите векови на христијанството, да ги вметне своите погледи и сфаќања. Во него се собрани зборови кои му се препишуваат на Исус Христос, кои се опскурни, мистериозни и двосмислени и се далеку од трезвеноста на канонските евангелисти и послични се на зен-аформизмите отколку на историските изреки, и преку нив се пренесува гностичката порака. Ова дело исто така содржи и фантастични раскази за неговото детство. Некои научници по религија, велат дека овој спис Мухамед го користел за текст од Куранот, особено кога пишувал дека Исус оживеал една птица од кал - потенцира тој.

Митевски додава дека според библистите, Евангелието според Тома циркулира, менувајќи ја формата и минува низ различни редакциски стадиуми. Коптската верзија која денес е позната, вели тој, не е сигурно идентична на формата на грчкиот оригинал, каков тој и да бил, доколку и се претпостави дека постоел грчки оригинал на текстот.

Фото-изгледот на Евангелието

Поговорки од најстариот слој на преданието

Тие кои се обидуваат да ја зголемат вредноста на овој ракопис, оценуваат дека дел од поговорките во Евангелието по Тома се сочувани во многу поизворен облик отколку што се наведени во четирите евангелија во Новиот Завет. Освен ова, се проценува дека многу изреки кај Тома се содржани и во заедничкиот „Извор Q“ кој наводно е еден вид „праевангелие“ кое служело како основа за библиските евангелија, но нема доказ за негово постоење. Некои изреки не можат да се споредат ниту со една изрека од новозаветните евангелија и можеби припаѓаат на најстариот слој на преданието.

Отфрлено уште во третиот век

Ова евангелие не било прифатено уше на почетокот на канонизацијата на Новиот Завет која ја започнал Свети Иренеј, бискуп од Лион во третиот век. Тој од сите евангелија кои кружеа меѓу првите христијански заедници одбра четири, а тој процес завршил со латинскиот превод на Библијата на почетокот на петтиот век. Томиното евангелие уште во 233 година било ставено меѓу тнр. Хетеродоксни евангелија, односно, дека се еретички дела. 

Некои мисли содржани во Евангелието по Тома

„Кралството на Отецот е како онаа жена која земала малку квасец, го ставила во тесто и од него замесила големи лебови. Кој има уши, нека слушне.“

„Кралството на Отецот е како оној човек кој посака да го убие силникот. Во сопствената куќа го извлече мечот за да дознае дали раката му е доволно силна. Потоа го уби силникот.“

„Човекот наликува на умен рибар кој ја фрлил мрежа во море и извлекол многу ситни и една голема риба. Рибарот ги фрлил сите ситни риби и без напор ја извлекол големата. Кој има уши, нека слушне.“

„Кралството на Отецот е како онаа жена која носеше грне полно со брашно. Додека одеше по патот, се уште далеку од дома, се растури брашното. Не го забележа тоа, кога дојде дома, го стави грнето на земја и го најде празно.“

„Дајте му го на Царот царевото, на Бога Божјето, а мене моето.“

„Нека оној кој бара не престане да бара додека не најде, а кога ќе најде, ќе се вознемири, а откако ќе се вознемири, ќе се воодушеви и ќе владее над сите“ (ова поговорка ја има во други некаконски евангелија).

„Кој бара ќе пронајде, кој ќе зачука ќе му се отвори.“

Сепак, најинтригантна е првата изрека, која гласи: 

„И Тој рече: кој ќе најде објаснување на овие зборови, нема да ја искуси смртта“. 


 
 
 
 
 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан