Македонскиот Караман, симболот на истрајноста, по четврт век конечно етаблиран во меѓународното кинолошко семејство
- Тој ни кажа дека студијата ја направило уште поинтересна фактот што, проучувајќи го темпомандибуларниот зглоб на двете кучиња, не нашле големи разлики, но откриле дека овие две овчарски раси на кучиња имаат прекрасна конгруентност, односно прекрасна функционалност на зглобот. Божиновски појаснува дека тоа значи дека овие кучиња се настанати по вистинска природна селекција. -Сето ова беше презентирано и на самиот собир во септември кога дојдоа од Светската научна комисија на ФЦИ организацијата, каде што завршија со многу прекрасни коментари дека ова е работа на светско ниво и дека сме рамо до рамо, пандан со светските анализи, нагласува тој.
Скопје, 13 април 2026 (МИА)
Неда ДИМОВА ПРОКИЌ
Караман стана првото признаено македонско овчарско куче со самостојно национално потекло. Тоа од неодамна беше впишано и е дел од 378-те светски раси на кучиња на Меѓународната кинолошка мапа, со што дополнително се потврдува државата како земја со богато и автентично кинолошко наследство.
Претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче Караман“ Илија Ико Каров, во разговор за МИА појаснува дека караман не е само ново име во меѓународните регистри, туку е и симбол на истрајноста, љубовта и визијата што повеќе од две и пол децении беа вложувани во афирмација на расата.

За тоа како течеше целиот процес, Каров вели дека ова било едно незаменливо патешествие кое траело цели 20 години.
-Денес Македонија може да се пофали дека еден од нејзините живи симболи се веќе светски признаени и гордо го носат името македонско во целиот нивни назив, вели Каров за МИА, кој нагласи дека ова не е победа на поединец, туку победа на непокор како на членовите на клубот, така и на целата Македонија.
Тој ни појасни дека расата потекнува од автохтоните планински кучиња кои со векови чувале стада низ македонските планини, но сепак, процесот на создавање на расата караман траел со години.
-Важно е колку ти се големи сништата. Денес сме сведоци дека сонот кога е воден од истрајност, љубов и визија може да стане реалност. Македонското овчарско куче Караман по 25 години посветена, тивка и макотрпна работа на Кинолошкиот клуб М.О.К. како и Кинолошкиот сојуз на Македонија, конечно, се стекна со условно признавање од Светската кинолошка федерација. Ова не е победа на поединец, ова не е победа на една идеја, ова е победа на една истрајност, и ова е победа на непокор како на нас од клубот така и на целата Македонија – рече Каров на чинот на признавањето на караманот што се случи на 21 февруари.

Значајна улога во процесот имале Влатко и Марјан Костовски кои уште од 1999 година почнале со прибирање на првите примероци, изградба на боксови и создавање услови за систематско одгледување.
Каров за МИА вели дека главните одлики на оваа раса е тоа што станува збор за дефинитивно лојално куче и куче коешто е многу природно.
-Ова куче е настанато по пат на природна селекција и планината го има создадено како такво. Ние едноставно, само она што го има создадено планината, со помош на науката успеавме првенствено во бројки, а потоа текстуално да го пренесеме во стандардот, вели Каров.
Тој појаснува дека овие кучиња се одлични со деца и се покажале и како одлични миленици.
-Сепак, за да го чувате како миленик е неопходно да имате и двор. Сега тука ќе ми се налутат луѓето што ги чуваат по становите, нека ми простат за одговорот, јас сепак го застапувам ставот караман за да се чува треба да се има двор - рече Каров.

Во однос на тоа кои се предизвиците за одгледување чиста раса караман во денешни услови, Каров вели дека во времето кога изумира сточарството, наш најголем предизвик е регрутирање на нови чистокрвни единки.
-Затоа што селата, односно целиот рурален пејсаж во Македонија, трендот на изумирање е многу силен, трендот на миграција од село кон град е нешто што дефинитивно не може да се спречи. Едноставно со изумирањето на селата, а со тоа и на сточарството како гранка, ги среќаваме сè помалку, особено во чистокрвен формат во Македонија. Така што дефинитивно регрутирањето на нови чистокрвни единки претставува сè поголем и поголем предизвик, појаснува тој.
Негова препорака за луѓето кои сакаат да чуваат Караман, е дека тие најдобро егзистираат во автохтоно поднебје.
-На сите луѓе коишто сакаат да се бават со одгледување или со чување само на еден Караман дома, најтопло го препорачувам затоа што сепак станува збор за автохтона раса, а автохтоните раси најдобро виреат, односно егзистираат во автохтоното поднебје, истакнува тој.

Со истражувањето на д-р асс. Божиновски се прави јасна дистинкција меѓу караманот и шарпланинецот
Најчесто поставуваното прашање е што е она што караманот го дели од шарпланинецот, од нашата прва национална гордост. Со цел да се направи јасна разлика, д-р асс. Димитар Божиновски од Ветеринарниот факултет – Скопје, спроведе истражување, со кое тој ги појаснува овие разлики меѓу двете раси.
Божиновски, кој е асистент на Ветеринарниот факултет – Скопје по предметот анатомија и клиничка анатомија, и лекар на Универзитетската ветеринарна болница, за МИА појаснува дека неговата докторска дисертација се однесувала на караманот и на шарпланинецот, во која се прави јасна дистинкција помеѓу овие две кучиња.
Тој, преку снимки од компјутерска томографија на главата на караманот и шарпланинецот, утврдил јасна дистинкција меѓу овие две раси.
-Накратко ќе се обидам да ви објаснам со јазик којшто ќе го разберат сите. Еве една слика и приказ како изгледа една краниоморфометрија на горниот дел од главата. Сите овие зелени линии се мерни единици коишто ние ги меревме на караманот и на шарпланинецот – на горниот дел од главата, како и на долниот дел од главата, исто така и на страничниот и на задниот дел од главата. Мерејќи ги овие мерни единици коишто беа први во целиот прв сегмент на целото истражување, најдовме една многу интересна разлика во делот на неврокраниумот. Ако се прашувате што е тоа, тоа е овој дел на черепот, каде што е единствената и круцијална важност за одлика на една раса, појаснува тој.

Божиновски вели дека токму во тој дел се сместени џвакачките мускули, тука се сместени ушните мускули, очните мускули, односно делот каде што ја карактеризира една раса по нивното функционирање, движење, експресија итн..
-Но оваа разлика во овој дел од черепот, каде што повторувам, е исто така круцијална и е важна одлика за една раса, си реков зошто да не ја видиме и внатрешноста на черепот, односно волуменот на черепната празнина, односно волуменот каде што е сместен мозокот, наречен ендокранијален волумен, ни појаснува Божиновски.
Проучувајќи го тоа, гледајќи го тоа, објаснува тој, најдовме една неочекувано голема разлика во проценти – од 40 до 60 проценти, што во науката тоа е доста голема разлика, така што во самиот ендокранијален волумен, повторувам, се воочува огромна разлика помеѓу караманот и шарпланинецот.
Тој ни кажа дека студијата ја направило уште поинтересна фактот што, проучувајќи го темпомандибуларниот зглоб на двете кучиња, не нашле големи разлики, но откриле дека овие две овчарски раси на кучиња имаат прекрасна конгруентност, односно прекрасна функционалност на зглобот. Божиновски појаснува дека тоа значи дека овие кучиња се настанати по вистинска природна селекција.

-Сето ова беше презентирано и на самиот собир во септември кога дојдоа од Светската научна комисија на ФЦИ организацијата, каде што завршија со многу прекрасни коментари дека ова е работа на светско ниво и дека сме рамо до рамо, пандан со светските анализи, нагласува тој.
Божиновски исто така истакна и дека биле направени генетски анализи со помош на микросателити и микросателитско откривање, каде што се воочува драстична и многу забележлива разлика точно во тие локуси или микросателити во ДНК нишката.
-Што значи тоа? Тоа значи дека станува збор за две сосема различни раси, заклучува Божиновски.

Караманот како исклучиво македонска раса на овчарско куче првпат претставена во 2010 година, во 2011 караманот си доби и поштенска марка
По речиси еднодецениско набљудување на бачилата на македонските планини и по согледување на зачестената присутност на македонскиот караман во македонската народна литература, браќата Влатко и Марјан Костовски се нафатиле на еден тежок и долготраен кинолошки проект – создавање исклучиво македонска раса на куче. Заради организирано зачувување на македонскиот караман, во 2004 се оформи Кинолошки клуб „Македонско овчарско куче – Караман“ - Скопје, кој потоа беше примен како полноправна членка во Кинолошкиот сојуз на Македонија.
Кинолошки клуб „Македонско овчарско куче – Караман“ - Скопје, во соработка со Кинолошкиот сојуз на Македонија во поглед на стручна кинолошка помош, постојано води сметка за мерење и евидентирање на македонскиот караман, како и за архивирање на податоците, но и за селекција и за афирмирање на оваа раса во создавање, се до нејзиното конечно етаблирање во меѓународното кинолошко семејство, се наведува на сајтот на Кинолошкиот сојуз на Македонија.

На ЦАЦИБ - изложбата што ја организира Кинолошкиот сојуз, на 9 мај 2010, на стадионот на АРМ, Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче - Караман“, за првпат официјално ја претстави расата Македонско овчарско куче - Караман. Првпат по осамостојувањето, јавно беше изложена првата исклучиво македонска раса куче - Македонско овчарско куче караман.
Караманот беше почестен со поштенска марка издадена од Македонски пошти во април 2011 година, што претставуваше значајно признание за оваа автохтона раса. Марката беше дел од напорите за промоција и заштита на Караманот како културно и природно наследство на Македонија.
Фото: Слободан Ѓуриќ
Видео: Андреј Бранковиќ