• сабота, 23 ноември 2024

Србија прва по бројот на позитивни туристи во Грција

Србија прва по бројот на позитивни туристи во Грција
Атина, 21 јули 2020 (МИА) – Од 295 позитивни случаи кај туристите во Грција, 76 отсто, односно 225 се од балканските земји, а Србија е прва со најголем број заразени меѓу „увезените случаи“на Ковид-19, согласно податоците што денеска ги соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина. Хардаљас објасни дека од 1 до 19 јули, односно од отворањето на границите, во Грција влегле 918.032 лица, од кои мнозинството, над 620.000 се туристи кои авионски пристигнале во земјата. Биле направени вкупно 127.900 тестови на туристи и откриени 295 позитивни случаи, од кои 186 се од копнените граници . Од позитивните случаи кај туристите 53 се активни, 207 се вратиле во нивните земји, а 35 случаи не се повеќе активни и остануваат во Грција. -Во однос на потеклото на случаите, први пет земји со најмногу случаи беа Србија со 78 случаи, Бугарија со 63, Романија со 61, Албанија со 23 и Соединетите Американски држави со шест. Карактеристично е тоа што 225 од 295, односно 76,27 отсто беа од четирите пријателски соседни балкански земји, објасни заменик-министерот за цивилна заштита на Грција на денешната прес конференција. За Грција, рече дека од почетокот на епидемијата, регистрирани се 4.007 позитивни случаи, од кои 435 се активни, 1.030 биле отпуштени од болница, 2.347 оздравеле по домашно лекување, а починаа 195 лица. Говорејќи за мерките за заштита од коронавирусот, Хардаљас објасни дека онаму каде што е потребно да бидат преземени дополнителни мерки, ќе го сторат тоа, истакна дека не постои план за целосен карантин и додаде дека според него, засега, тешко е да има некаков вид на локални карантини. Во однос на традиционалните грчки фестивали со жива музика, таканаречените панаѓури кои се забранети до крајот на јули, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, рече дека неговиот личен став е дека забраната треба да продолжи до крајот на летото. Паралелно, ги повика граѓаните да бидат внимателни, додека се на одмор да се опуштат, но само во однос на секојдневниот ритам, а не и во однос на мерките за заштита од Ковид-19.ср/сд/

Остани поврзан