• понеделник, 23 декември 2024

Спречен илегален стриминг сервис за два милиона корисници

Спречен илегален стриминг сервис за два милиона корисници
Хаг, 10 јуни 2020 (МИА) - Шпанската полиција разби голема криминална мрежа која незаконски заработила 15 милиони евра од илегална дистрибуција на аудио-визуелни содржини за два милиона корисници во Европа, Азија и Блискиот исток. Во акцијата, спроведена на 3 јуни, полицијата ширум ЕУ пребара 15 куќи, уапси 11 лица, вклучувајќи го и водачот на групата, и сослуша уште 16 лица за можна вмешаност во нелегалната шема. Заплената е во вредност од 4,8 милиони евра и вклучува имот вреден повеќе од два милиона евра, четири автомобили, луксузни часовници, готовина, крипто-валути и електронска опрема. Беа затворени 50 ИП адреси и дел од онлајн криминалната инфраструктура, а замрзнати се и 11 банкарски сметки во висина од 1,1 милион евра, соопшти Европол. Истрагата беше покрената минатата година, а нелегалната дистрибуција е извршена преку ИПТВ од Шпанија. Криминалната мрежа емитувала нелегално повеќе од 40 ТВ канали, филмови, документарни емисии и други дигитални содржини преку веб-страници на меѓународни сервери. Во истрагата, поддржана од Европол и Евројуст, учествуваа надлежни полициски органи од Белгија, Канада, Чешка, Данска, Франција, Италија, Германија, Луксембург, Холандија, Полска, Романија, Шведска, Велика Британија и Соединетите Американски Држави. паг/

Остани поврзан