• среда, 20 ноември 2024

Спасовски: Нудиме надеж, наспроти безнадежност и раст на економијата од 5,1 отсто

Спасовски: Нудиме надеж, наспроти безнадежност и раст на економијата од 5,1 отсто

Скопје, 18 април 2024 (МИА) – Коалицијата „За европска иднина“ нуди надеж, наспроти безнадежност, просперитет наспроти зачмаеност во минатото, обединување наместо тензии и комплетна изолација. За таква иднина веќе ги поставивме темелите во претходниот период, трпејќи ги ударите од енергетската, економската и здравствената криза, порача Оливер Спасовски, носителот на листата во Изборната единица 2 од Коалицијата предводена од СДСМ на денешната прес-конференција со која беше означен почетокот на кампањата за парламентарните избори.

За наредните четири години, како што посочи, е проектирана просечна стапка на раст од 5,1 процент, просечната плата да се зголеми за рекордни 500 евра и да достигне до 1.100 евра, а минималната плата да изнесува 600 евра или 37.000 денари. Најави дека ќе иницираат сериозна дебата за воведување данок на луксуз и богатство, ќе воведат „0“ проценти данок на личен доход и ќе се обврзат да ја намалат стапката на невработеност од 12 на 7 проценти до 2028 година.

-Од денеска официјално го означуваме стартот на кампањата на коалицијата „За европска иднина“ за овие парламентарни избори на кои предводам листа на кандидати за 2ИЕ. Ова се посебно важни избори. Пред нас е важна задача, а пред народот сериозна одлука – да го определиме правецот на движење на нашата татковина и заеднички да решиме каде ќе се насочиме во наредните четири години и во каква држава сакаме да живееме и каква Македонија ќе им оставиме на идните поколенија, рече Спасовски.

Посочи дека во изминатиот период со „рушењето на режимот“ ја вратиле слободата, спокојот кај граѓаните, се помириле со соседите, ги обновиле старите заборавени пријателства, ги зацврстиле традиционалните стратешки партнерства, ја внесле државата во НАТО, го исправиле патот кон ЕУ.

-При тоа ги зачувавме македонските национални и државни интереси, добивме признати и идентитет и јазик, добивме призната црква, но и многу сојузници и пријатели. Сето тоа е доволен темел за нашето мото „Нема откажување од иднината“, рече Спасовски.

Вети имплементирање на европските стандарди во сите сфери на живеење, повеќе пари, подобар животен стандард, повеќе инвестиции, подобра инфраструктура, односно, како што кажа, создавање на солидна, просперитетна европска држава во која со задоволство ќе живееме и работиме и ние и идните поколенија.

-Сето ова е реално и достижно и е опфатено во новата програма на СДСМ преку конкретни издржани мерки и проекти. Главната цел ни е доближување на животниот стандард до европскиот и од тоа нема откажување. Тоа не е мислена именка и тоа не е само европски сон. Нашето ветување е преговорите со ЕУ да ги завршиме до 2028 година, а до 2030 година да имаме полноправно членство. Влезот во ЕУ, пак, е гаранција за економски и европски стандард. Тогаш просечната плата веднаш ќе изнесува 1.300 евра,а минималната 800 евра, посочи Спасовски.

Коносителот на листата Фатмир Битиќи истакна дека овие избори се важни зашто се одлучува за напред или назад и апелираше да има демократска кампања за парламентарните избори во која граѓаните ќе имаат јасна слика за понудата за да можат да направат правилен избор.

-Коалицијата за Европска иднина го нуди патот за напредок, односно за интеграција во ЕУ. Нашата понуда, заложба и ветување е Македонија во ЕУ, а тука дома европски стандарди. Ќе продолжиме да ги покачуваме платите и да го подобруваме стандардот на граѓаните, а истовремено ќе продолжиме да ја јакнеме нашата домашна економија со дуплирана финансиска помош, рече Битиќи и додаде дека Коалицијата нуди стабилна, безбедна, економски развиена и инклузивна иднина – иднина за сите.

Посочи дека во изминатите седум години е направено многу за бизнисот и додаде дека во последните шест години се исплатени 100 милиони евра финансиска поддршка кон домашните компании кои направија инвестиции од над 500 милиони евра.

-Но, ова не е доволно. Не се откажуваме и во следните  четири години оваа поддршка скоро ќе ја дуплираме и ќе ја зголемиме на 180 милиони евра, што значи инвестиции од над една милијарда евра во нашата економија од домашните компании. Овој влог ќе ги направи нашите компании конкурентни за влез и интеграција во заедничкиот европски пазар од над 500 милиони потрошувачи. Затоа гласот за европска иднина е глас за европски стандард, за поголема поддршка за развој на домашната економија и глас за поголеми плати на нашите сограѓани, порача Битиќи.

Нагласи дека продолжувањето на патот кон ЕУ ќе значи и пристап до 860 милиони евра кои Брисел ни ги става на располагање преку Планот за раст на Западен Балкан, кои, како што кажа, ќе бидат искористени за економски раст и развој и за нови можности за бизнисот.вј/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан