• вторник, 05 ноември 2024

Спасовски: Почнува прибирањето податоци за вработените во МВР кои оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво

Спасовски: Почнува прибирањето податоци за вработените во МВР кои оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво

Скопје, 27 февруари 2023 (МИА) - Од денеска започнува прибирањето на податоци за вработени коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво. Откако го преземав раководењето со МВР, како приоритет се воспостави редовната исплата на бонус плати за над 150 изработени часови прекувремена работа на годишно ниво, како гарантирано право на вработените во МВР согласно Колективниот договор, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил.

- Така, во периодот од 2017 до 2022 исплатени се бонус платите за 2017 и 2018, за коишто не беа обезбедени и исплатени средства од претходното раководство на МВР, а продолживме и со редовна исплата на бонус платите за 2019, 2020 и 2021 година, за што вкупно беа обезбедени и издвоени 561.773.133 денари или 9.060.857 евра, средства од Буџетот на МВР предвидени за остварување на ова право на вработените. Благодарение на спроведените одговорни економски политики и како резултат на домаќинското работење, беше зголемена просечната плата, а со тоа растеше и поединечниот износ на бонус платите во МВР, напиша Спасовски.

Колку за илустрација, пишува тој, ако бонус платата во 2017 година поединечно изнесуваше 22.928 денари, во 2023 година можеме да се пофалиме со бонус плата за 2022 година во поединечен износ од 31.859 денари, што претставува зголемување на износот од без малку 40 проценти.

- Подобрувањето на статусот на вработените во МВР е од императивно значење за ова раководство на МВР, а во насока на нашиот концепт „Задоволна полиција – безбедни граѓани”, со којшто покажавме одлични резултати во гарантирање на безбедноста и борбата против секаков вид криминал, објави на Фејсбук министерот Спасовски. цр/сп/

фото: Фејсбук на Оливер Спасовски

Остани поврзан