Со помош на ВИ прочитани четири речиси целосни пасуси од древен јагленосан текст
- Брент Силс е професор по Компјутерски науки при Универзитетот на Кентаки во САД и еден од основачите на тн. „Предизвик на Везув“. Тој го обмислувал тој метод за „одмотување“ на свитоците и го развивал последниве 20 години.
Неапол, 9 февруари 2024 (МИА) - Со помош на вештачката интелигенција за откривање на првиот прочитан збор од неотворениот свиток од Херкуланеум, тим истражувачи прочита неколку речиси целосни пасуси од антички записи од пред 2.000 години.
Во древниот римски град Херкуланеум се најдени стотици папируси коишто ја преживеале ерупцијата на Везув близу Неапол, Италија, во 79. година од нашата ера. Во нивната јагленосана состојба, овие древни записи би се распаднале при обид да се одвитка, па секое зборче би било нечитливо за човечкото око. Денес, користејќи компјутерска технологија и напредна ВИ, истражувачите можат да ги проучуваат свитоците без да ги одвиткаат. Повеќе од 2.000 знаци, т.е. првите пасуси, се дешифрирани, тврдат научниците.
Брент Силс е професор по Компјутерски науки при Универзитетот на Кентаки во САД и еден од основачите на тн. „Предизвик на Везув“. Тој го обмислувал тој метод за „одмотување“ и читање на свитоците и го развивал последниве 20 години.
- Неверојатно задоволство е да се знае дека овие работи се достапни и дека сега имаме механизам на читање и оти тоа читање ќе создаде цело поле на проучување, како и стипендии за класицистите, изјави Силс.
Инаку, првиот прочитан збор од неотворен свиток, во рамки на овој проект, уште во октомври лани, беше дело на Лук Фаритор и Јусеф Надер - студент по Компјутерски науки од Небраска (САД) и дипломиран студент по Биороботика на Универзитетот „Фреј“ во Берлин, Германија. Оваа година, заедно со Џулијан Шилигер, студент по Роботика на „ЕТХ Цирих“ во Швајцарија, тројцата ја освоија главната награда на натпреварот од 700.000 долари - како првиот тим што дешифрирал повеќе од 85 отсто од четири поврзани пасуси во истиот свиток.
Уште повеќе, тимот ги надмина барањата на натпреварот и прочита 15 делумни колони текст.
- Ако го погледнете нивото на речникот (од пасусите), овде се одвива навистина нијансиран, интелектуален разговор... Едноставно ме возбудува што им доставувам на научниците апсолутно недопрен, целосен примерок од сѐ ова за научниците да можат да ја завршат својата работа, а потоа ние целосно да го разбереме, појасни Силс.
Јагленосираните, сега наречени Херкуланеумски свитоци, се пронајдени во градба за којашто се верува дека била дом на близок роднина, т.е. тестот на Гај Јулиј Цезар, според Универзитетот во Кентаки. си/ссм/
Фото: МИА архива