• сабота, 11 мај 2024

Со поддршка од ЕУ почнува иницијатива за формирање „Организација за управување со дестинација“

Со поддршка од ЕУ почнува иницијатива за формирање „Организација за управување со дестинација“

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) - Единаесет општини од Вардарскиот и Југоисточниот плански регион со поддршка на ЕУ почнуваат иницијатива за формирање „Организација за управување со дестинација“ (ОУД) и се поврзуваат со донатори, граѓански организации и приватни компании со цел развивање висок потенцијал за различни видови туристички активности, како што се вински и културен туризам, пешачење, велосипедизам, риболов, здравствен туризам и многу повеќе.

Активноста се спроведува во рамки на Програмата „ЕУ за општините“ која е финансирана од Европската Унија.

За таа цел утре во Демир Капија ќе биде потпишан Меморандум за разбирање од страна на Програмата „ЕУ за општините“, француските организации „Alsace Destination Tourism“ и „Association Alsace-Macédoine“ и од градоналниците на општините Велес, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Лозово, Неготино, Росоман, Чашка, Богданци, Валандово и Гевгелија. 

На потпишувањето ќе му претходи работилница организирана од Програмата „ЕУ за општините“, предводена од експертите Марк Леви, генерален директор за туристички дестинации во областа „Алзас“ во Франција, Жак Шлиф, почесен конзул на Северна Македонија во Франција и Ане Синдик, поранешна директорка на Агенцијата за регионален развој на округот Дубровник-Неретва.

Досега Вардарскиот и Југоисточниот плански регион имаат добиено разновидна поддршка од повеќе донатори за теми поврзани со развојот на туризмот. Регионот беше дел од проектот за локална и регионална конкурентност во туризмот (ПЛРК) финансиран од Европската Унија (ЕУ). Извештајот за евалуација на проектот ја нагласува важноста од формирање на регионална „Организација за управување со дестинација“ (ОУД) во овој регион за да се зголеми неговата видливост на национално и меѓународно ниво и да се искористат синергиите меѓу локалните актери. мд/са/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан