• вторник, 05 ноември 2024

Со концерт „Вруток“ на Факултетот за музичка уметност утре почнува „Скопско лето“

Со концерт „Вруток“ на Факултетот за музичка уметност утре почнува „Скопско лето“

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Со концерт на Факултетот за музичка уметност „Вруток“ во фоајето на Националната опера и балет (НОБ), утре официјално ќе биде отворено „Скопско лето 2023“. Фестивалот почнува на првиот ден на летото и на Светскиот ден на музиката.

Претставникот на Факултетот за музичка уметност, Љубиша Кировски, на денешната прес-конференција по повод отворањето на фестивалот потенцираше оти насловот на концертот „Вруток“ кажува дека се работи за извор, младешка енергија, нешто што е двигател во нашата средина.

- Посебна чест ми е што ќе бидеме на отворањето на „Скопско лето“, кое има долгогодишна традиција. Мислам дека Факултетот ќе се претстави во полн сјај, со полн капацитет. На самиот концерт ќе бидат претставени сите наши ансамбли, потенцираше Кировски.

Организатор на фестивалот е Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Како што најави на прес-конференција директорот на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, Никола Глигоров, со „Скопско лето“ оваа година даваат малку повеќе простор на младите. Програмата, како што рече, е составена да одговара на сечиј вкус и за сите возрасти.

- Скопје останува отворен град за културата, за културниот натпревар меѓу народите. Ќе имаме гости од соседните држави, пред се од Србија и Грција, но и од Австрија, Италија, Израел, Словенија, Грузија и САД. Имаме две детски театарски претстави од Театарот за деца и младинци, ќе има неколку фотографски изложби, но и изложба на фотографии посветена на короната која ја живеевме две години. Ќе имаме промоции на книги, концерти на класична музика, рече Глигоров.

Како што посочи, на 28 јуни ќе се одржи концертна промоција на албумот „Вида“ на MIYATTA, а на 30 јуни во фоајето на НОБ ќе има модна ревија - омаж на Тјери Муглер „Ангел на ексцентричноста“. Ревија е на студентите на институтот „Изет Цури“, според инспирација од моделите на дизајнерот Тјери Муглер.

Во рамките на „Скопско лето“, меѓудругото, на 30 јуни во Кинотека ќе биде отворена изложба на фотографии на Џон Илија Апелгрен „Забранети луѓе“.

На 3 јули пак, во продукција на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ), во просториите на КИЦ, Француски институт Скопје, галерија „Грал“, Дебар маало на локација на куќата каде живеел Ацо Шопов и градска кафеана „Пелистер“ ќе биде отворен проектот посветен на 60 години од скопскиот земјотрес и сто години од раѓањето на Ацо Шопов.

На 10 јули, во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ ќе биде отворена изложба на дигитални слики на Игор Поп Трајков „Особеност“, а на 13 јули на Факултетот за ликовни уметности - Сули ан, ќе се одржи мултимедијален проект „Вечер на мултикултуноста на Црно Гора“.

Како што најави Глигоров, „Скопското лето“ ќе заврши со гостите од Словенија, односно со концерт на ансамблот „Camerata Academica“, што ќе се одржи на 31 јули, во Музејот на македонската борба.

- Годинава „Скопско лето“ го реализираме со 800 илјади денари од Министерството за култура и се уште очекуваме да се објави програмата на Градот Скопје за културата. Минатата година не добивме пари за „Скопско лето“. Се надеваме дека иако резултатите доцнат оваа година,  ќе биде поинаку и ќе ни даде простор и за вклучување на други вонредни програми кои се веќе во најава, додаде Глигоров. бт/сп/

Фото/ МИА

Остани поврзан