• вторник, 26 ноември 2024

Со изложбата„75 / 75“, Националната галерија почнува со одбележување на 75-годишниот јубилеј

Со изложбата„75 / 75“,  Националната галерија почнува со одбележување на 75-годишниот јубилеј

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Во објектот Чифте амам вечер ќе биде отворена изложбата под наслов „75 / 75“, со која Националната галерија ги започнува активностите за одбележување на јубилејот 75 години од формирањето. Изложбата ќе биде отворена до 19 август 2023 година.

-Континуираната успешна визија и мисија на нашата институција за собирање, чување, заштита и презентација на културното наследство, симболично ја крунисуваме со изложување на 75 ексклузивни уметнички дела – слики и скулптури. Селекцијата на едни од најрано прибавените експонати за нашата колекција, вклучително и исклучително вредни, се базира на дела во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот, соопштуваат од Националната галерија.

На изложбата „75 / 75“ ќе бидат претставени дела од следните автори: Сава Шумановиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Пјер Крижаниќ, Петар Добровиќ, Моша Пијаде, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Ќорќи Јаков Зографски, Коста Шкодреану, Димитар Андонов Папрадишки, Димитар Пандилов Аврамовски, Катја Ефтимова, Лена Стефанова (сликари); Антун Аугустинчиќ, Воин Бакиќ, Тома Росандиќ, Петар Палавичини, Иван Мештровиќ, Димо Тодоровски, Љубомир Стефановски, Борка Аврамова, Франо Кршинич, Борис Калин, Ристо Стијовиќ и др. (скулптори).

Воедно, од Националната галерија известуваат дека на 2 август 2023 година, датум кој се совпаѓа со отворањето на Галеријата, влезот во сите објекти ќе биде бесплатен. фф/вг/

Фото: Национална галерија

Остани поврзан