• понеделник, 23 декември 2024

Со бои и летоци нападнати грчка телевизија и канцеларијата на министерката за образование во Атина

Со бои и летоци нападнати грчка телевизија и канцеларијата на министерката за образование во Атина
Атина, 23 февруари 2021 (МИА) – Во знак на поддршка и солидарност за осудениот терорист од организација „17 ноември“, Димитрис Куфодинас , кој веќе 47 дена штрајкува со глад, непознати лица синоќа, со бои и летоци ја нападнаа грчката телевизија „Αction24“ и испишаа слогани пред политичката канцеларија на министерката за образование на Грција, Ники Керамеос. Двата одвоени случаи ги осуди портпаролот на грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина. На влезот од телевизија била фрлена црна боја и едно шише, кое веројатно бил молотов коктел што не експлодирал, но и летоци на кои се испишани пораки за солидарност на Куфодинас. -Action24 беше нападната. Не се плашиме!, напишаа од телевизијата на социјалните мрежи. Пред политичката канцеларија на министерката за образование на Грција Ники Керамеос, непознатите лица испишале слогани, како за Куфодинас, така и против законот за високо образование што веќе е изгласан од Парламентот. -Ники Керамеос, слушни добро, овој закон ќе падне во оган, напишаа на ѕидовите, додека пак министерката преку нејзиниот „Твитер“ профил порача дека „не се предаваме, не може да не уценуваат“, додавајќи дека ќе продолжат со потребните реформи во образованието. И за двата инциденти реагираше портпаролот на грчката Влада Христос Тарандилис, кој излезе со осуда и рече дека таквите постапки не ги плашат. -Ова е втор пат за неколку дена канцеларијата на министерката да биде на мета. Треба да знаат дека Владата ниту се плаши, ниту се уценува. Ги брани демократијата и владеење на правото, вели портпаролот на грчката Влада. За нападот на телевизијата, Тарандилис рече дека е напад врз слободата на говор и демократијата. -Поддржувачите на Димитрис Куфодинас, осуден за 11 убиства, никого не плашат. Демократијата е силна и таквите постапки, апсолутно ги осудува секој демократски граѓанин, рече Тарандилис. Димитрис Куфодинас, еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“, кој е осуден на 11 доживотни казни, на 8 јануари почна штрајк со глад и бара да биде префрлен во затворот „Коридалос“ во Атина, додека, пак, од вчера одбил да прима и течности. Откако му се влоши состојбата беше пренесен во болница, а од минатата седмица е на Одделението за интензивна нега. Куфодинас во декември од затворот во Волос беше пренесен во затвор со висока безбедност, а неговото барање е да биде префрлен во Атина. Неговите поддржувачи, во изминатиот период одржаа низ протести, а минатиот четврток упаднаа и во Министерството за здравство на Грција. ср/сд/

Остани поврзан