Сомалија погодена од страшни поплави: Ова се случува еднаш во сто години
- -Екстремните временски услови поврзани со Ел Нињо ризикуваат дополнително да ги зголемат хуманитарните потреби во веќе ранливите заедници во Сомалија и многу други места, вели Мартин Грифитс, заменик на генералниот секретар, координатор на ОН за хуманитарни прашања и итна помош.
Могадишу, 10 ноември 2023 (МИА) – Сомалија е погодена од природна катастрофа што се случува еднаш во сто години, оценија Обединетите нации за поплавите што принудија стотици илјади лица да ја напуштат оваа и соседните земји во Источна Африка, по долгата историска суша во овој дел од „црниот“ континет.
Околу 1,6 милиона лица во Сомалија би можеле да бидат погодени од силните сезонски дождови, што можат да се влошат од комбинираното влијание на двата климатски феномени: Ел Нињо и Диполот во Индискиот Океан, соопшти вчеравечер Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).
Во поплавите во Сомалија, што почнаа по обилните дождови во октомври, веќе загинаа најмалку 29 лица, над 300.000 се принудени да ги напуштат своите домови, а градовите и селата во северна Кенија се поплавени.
Поплавени се и камповите за раселени лица поради исламистичкиот бунт и најголемата суша во последните четири децении, соопштија хуманитарните групи.
И натаму остануваат веројатни раселувањата од поголеми размери, зголемените хуманитарни потреби и натамошното уништување на имотот, оцени OCHA, додавајќи дека може да бидат уништени околу 1,5 милиона хектари земјоделско земјиште.
-Екстремните временски услови поврзани со Ел Нињо ризикуваат дополнително да ги зголемат хуманитарните потреби во веќе ранливите заедници во Сомалија и многу други места, вели Мартин Грифитс, заменик на генералниот секретар, координатор на ОН за хуманитарни прашања и итна помош. сд/
фото:ЕПА